Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, информираше дека по барање на граѓаните е покрената петиција со која се бара воведување електронска алка за следење на сторителите на семејно насилство.
Во петицијата се наведување дека електронската нараквица ќе ја предупреди жртвата и ќе ги алармира надлежните кога насилникот е поблиску од законски утврденото растојание.
Петицијата беше покрената вчера, а досега се собрани нешто повеќе од 600 потписи.
Зајкова ги повика граѓаните да ја поддржат иницијативата и да ја потпишат петицијата, со која се бара да се воведе дополнителна мерка за следење на лицата што вршат насилство.
ЛДП во рок од една година двапати поднесе предлог за измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и двапати беше одбиен од собраниското мнозинство. Првиот обид беше одбиен со образложение дека се потребни подетални анализи. При вториот обид, во март 2026 година, од вкупно 97 присутни пратеници во Собранието, само 27 гласаа „за“, со што предлогот повторно пропадна.
Собраниското мнозинство, предводено од ВМРО – ДПМНЕ, оцени дека предлогот е „популистички“, наместо сериозен и системски. Нивните главни аргументи беа дека предлогот не е законски усогласен и не ги решава техничките прашања – кој точно ќе го врши 24-часовниот мониторинг, како ќе се менаџираат софтверските сервери и како полицијата логистички ќе реагира во истиот момент кога ќе се вклучи алармот. Тие укажаа дека „наместо парцијални решенија“, најавени се пошироки измени во повеќе закони истовремено (Законот за полиција, Законот за бесплатна правна помош и сл.) за да се овозможи функционален синџир на заштита.
Електронски алки за заштита на жртвите од семејно насилство има во Шпанија, Франција, Португалија, Германија, Швајцарија и во други земји.


