Какви проблеми пријавуваат студентите: Од скап оброк до протечени цевки

Објавено:

Задоцнети стипендии, малку пари за оброк, несоодветни услови во студентски домови, скап јавен и меѓуградски превоз и пречки за остварување на студентските права, се најчесто пријавуваните проблеми на студентите, кои „Студентарија“ ги добиле преку платформата „Дигитален студентски глас“, а беа презентирани на денешната прес-конференција.

За шест месеци преку платформата „Дигитален студентски глас“ биле поднесени 717 пријави од студенти, а над 1.200 студенти гласале за да потврдат со што се соочуваат.

„Студентскиот стандард не е само прашање на висината на стипендијата, цената на оброкот или состојбата на една студентска соба. Студентскиот стандард е дали студентот навреме ќе добие информација, дали ќе знае зошто добил одредена оценка, дали ќе има кому да се обрати кога неговото право е прекршено, но и дали проблемот што го пријавил ќе му биде решен“, рекоа од „Студентарија“ на денешната прес-конференција.

„Реприза на проблемите“

Според платформата, не станува збор само за поединечни незадоволни студенти, туку проблеми кои репризно се повторуваат.

„Студентите многу често се принудени сами да откриваат кому да се обратат, да бараат информации по групи и на социјални мрежи, да чекаат одговори од институциите или едноставно да се помират со тоа дека ‘така функционира системот’“, посочија од „Студентарија“.

Студентски оброк, сместување и превоз

Субвенционираниот студентски оброк бил еден од најчесто пријавуваните теми, а според „Студентарија“, проблемот е во тоа што оваа мерка е неусогласена со износот со инфлацијата. Дополнителен проблем, како што рекоа, е и тоа што има прекини на ова право, бидејќи одредени факултети не доставиле навреме податоци до МОН.

Меѓу најпријавуваните проблеми се и проблеми од доменот на сместување во студентските домови – од прекини на основни услуги и инфраструктурни недостатоци, до проблеми со постапките за сместување.

Како пример беше наведен обновениот дом „Стив Наумов“, чија реконструкција студентите ја поздравуваат, но сепак има пријави за прекин во греењето и протекување вода низ ѕидовите.

Сериозен проблем, велат од „Студентарија“ е и тоа што автобускиот превоз за студенти во Скопје е бесплатен, за разлика од други градови со факултети, како Битола, Штип и Тетово, што според „Студентарија„ е дискриминација, а дискриминирачки е и тоа што бесплатната автобуска картичка во Скопје не може да ја користат студенти од приватните универзитети.

Задоцнети стипендии, необразложени оценки, нејасни критериуми

Меѓу пријавите, бројни се и тие за доцнење на резултатите од конкурсите и исплатата на стипендиите, особено кај студентите на втор циклус, а посочен беше пример на исплата која била реализирана во август, откако завршиле повеќето студентски обврски од академскиот календар.

Последната, како „една од најчувствителните и најприсутни теми“ е начинот на оценување на факултетите, рекоа од „Студентарија“ и посочија дека студентите пријавувале нејасни критериуми за оценување, задачи кои не соодветствувале со материјалот, недоволно образложени оценки, доцнење на резултатите, проблеми со студентските служби, па сѐ до несоодветен однос со дел од наставниот кадар.

За секоја од овие области од „Студентарија“ ги разгледале постојните механизми и закони, па, меѓу другото, пресметале дека субвенциоранираниот студентски оброк треба да биде повисок и да се зголеми на 200 денари дневно, што беше групно барање и на студентските собранија.

Во однос на превозот, предложи финансиска поддршка за студентите што студираат надвор од местото на живеење, или да се воспостави трајна субвенција за студентски меѓуградски превоз, со јасни услови и обезбеден буџет.