Шведската влада ги блокира ChatGPT и Claude поради безбедносни ризици

Објавено:

Владините службеници во Шведска повеќе не смеат да ги користат услугите на вештачката интелигенција Чет ГПТ (ChatGPT) на компанијата ОпенАИ (OpenAI) и Клауд (Claude) на Анторпик (Anthropic) на работното место поради потенцијални безбедносни ризици.

Забраната стапува на сила на 26 октомври и таа е воведена за да се осигури дека цивилните службеници користат исклучиво алатки за вештачка интелигенција одобрени од владата, како што е Мајкорософ Копилот (Microsoft Copilot), јавува Сајберњуз.

Според Микаел Ветеркранц (Mikael Wettercrantz), главен информатички директор (CIO) и директор за дигитализација, користењето услуги за вештачка интелигенција без владина согласност може да има „последици за информациите и безбедноста на Шведска“.

Внатрешна ревизија во Шведската транспортна администрација, спроведена во почетокот на оваа година, откри случаи во кои користењето на вештачката интелигенција било окарактеризирано како „проблематично“.

Истрагата ја истакна загриженоста во врска со нерегулираните услуги за вештачка интелигенција, како и корисниците кои доставуваат чувствителни информации до алатките за вештачка интелигенција и начинот на ракување со генерираните одговори.

Затоа шведската влада одлучи да ја забрани употребата на ChatGPT и Claude и да им дозволи на цивилните и владините службеници да користат само Microsoft Copilot. Некои од членовите на владиниот персонал сепак ќе продолжат да имаат пристап до нив, но ќе мора да користат „специјална платформа за асистенти за вештачка интелигенција“ развиена од шведските власти.

Според шведскиот јавен радиодифузер ограничувања за користењето на вештачката интелигенција се воведени и во Шведската даночна агенција и во Националниот одбор за институционална грижа (SIS). Шведската агенција за извршување на долгови моментално го разгледува ова прашање. Шведската влада претходно го ограничи и користењето на ДипСик (DeepSeek).

Минатата недела, владата на Соединетите Американски Држави објави забрана за сите производи и услуги развиени од кинеската компанија за вештачка интелигенција. Одделот за внатрешна безбедност е загрижен дека чувствителни информации би можеле да завршат во рацете на Пекинг. Дополнително, владата тврди дека моделите за вештачка интелигенција на ДипСик (DeepSeek) содржат „злонамерен софтвер и други безбедносни ранливости“.

Затоа, на сите владини агенции им беше наредено веднаш да ги отстранат сите производи на овој вид вештачка интелигенција и производи поврзани со DeepSeek.