Мелони во клинч со Трамп: Да се биде Ваш пријател, сигурно не ми помага

Објавено:

Италијанската премиерка Џорџија Мелони и американскиот претседател Доналд Трамп продолжуваат со јавните прозивки кои ги ставија во центарот на вниманието на глобалната политичка сцена.

Во својата последна објава преку социјалните мрежи, Мелони му порача на Трамп дека неговите постојани, неиспровоцирани напади се бесмислени додавајќи дека за нејзината популарност во својата земја, Италија, сигурно не ѝ помогнало пријателството со американскиот претседател.

Нејзината објава преку Инстраграм, всушност е одговор на последните напади од Трамп кој ја критикуваше италијанската премиерка дека не сака им помогне на САД да го спречат Иран да создава нуклеарно оружје. Тој, исто така, ги повтори тврдењата од претходно дека Мелони го молела да се фотографираат заедно на Самитот на Г7 претходно во францускиот град Евијан.

„Што се однесува до мојата популарност, тоа што сум твоја пријателка сигурно не ми помогна, ниту пак зависи од мојот однос со тебе. Мојата популарност зависи од мојата способност да ги бранам националните интереси на Италија, и токму тоа сум го правела отсекогаш“, напиша Џорџија Мелони.

Таа додаде и дека:

„Токму тоа сум го правела во врска со американските воени бази во Италија. Нивната употреба е регулирана со договори што отсекогаш сме ги почитувале и кои нема да бидат прекршени додека сум премиер. Италија останува суверена нација“.

Мелони го заврши својот одговор до Трамп велејќи дека нејзината популарност не е негова грижа, туку дека тој треба да се справи со сопствениот рејтинг во САД.

Италијанската премиерка долго време се сметаше за еден од најблиските сојузници на Трамп во Европа и се обидуваше да посредува помеѓу честопати спротивставените интереси на администрацијата на Трамп и Европската Унија.

Мелони и Трамп делат многу идеолошки ставови. На пример, таа го поддржува ограничувањето на миграцијата и промовира таканаречени традиционални вредности.

Но, првите јасни разлики помеѓу двајцата лидери се појавија откако Трамп ја ослабна претходната поддршка на САД за Украина, а Мелони ги критикуваше и најавите на американскиот претседател за преземањето на Гренланд со сила од Данска. Трамп од своја страна, пак, беше особено повреден од фактот што Италија и другите членки на НАТО не сакаа да им помогнат на САД и Израел на почетокот на војната против Иран на 28 февруари.