(ВИДЕО) Вучиќ поднесе оставка како претседател за да се кандидира за премиер

Објавено:

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вечерва поднесе оставка од функцијата, осум месеци пред неговиот претседателски мандат да истече според закон – во мај 2027 година.

Оставката е за да може да се кандидира за премиер како кандидат на неговата Српска напредна партија(СНС), како носител на листата „Обединета Србија“ со која ќе учествува во предизборната кампања за парламентарните избори во Србија закажани на 25 октомври.

„Служев верно, чесно и праведно“, рече Вучиќ во обраќањето до јавноста што го пренесе Радио Телевизија Србија (РТС).

Вучиќ на претпоследниот ден од неговиот мандат помилувал 49 лица, јавија српски медиуми. Од нив, 23 лица биле поврзани со протестите што траат речиси две години, потоа 12 луѓе од „Новосадската група“ студенти кои протестираа против него, како и 11 лица, кои учествувале во инциденти против „блокадерите“. Причина за протестите беше падот на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024, при што загинаа 16 луѓе.

Тоа предизвика огромен револт кај граѓаните поради сомнежи за тешка корупција, институционална небрежност и лошо изведени градежни работи. Тоа е клучниот настан и директниот повод кој ја предизвика тековната политичка криза во Србија. Сега студентите влегуваат во изборната трка со своја листа и се главен противник на Вучиќ.

По оставката на Вучиќ, Србија ќе има вршител на должноста претседател. Тоа ќе биде Ана Брнабиќ, сегашна претседателка на српскиот Парламент, кој беше распуштен по распишувањето на парламентарните избори. Таа може да остане на таа позиција максимум три месеци.

Вучиќ во своето обраќање до јавноста објави дека првиот круг од претседателските избори ќе се одржи до крајот на декември.

Дури и пред почетокот на предизборните активности, опозицијата и изборните набљудувачи постојано го критикуваа претседателот за злоупотреба на својата државна функција за промоција на својата партија.

Прогресивците ги отфрлија тие обвинувања, велејќи дека работат со партијата „надвор од работното време“.

Вучиќ досега двапати беше биран за претседател на државата и на власт во Србија 12 години, како шеф на државата или како премиер. Бидејќи Уставот не дозволува трет мандат, тој нема да може повторно да се кандидира за претседател на Србија.