ЕУ треба да подразмисли за методологијата на преговорите, не може, значи, тоа да биде „молчи и слушај“, вели македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во интервју за новинската агенција МИА. Таа ги опишува, како што вели, двојните стандарди со кои Европската Унија се однесува како ексклузивно друштво што заповеда да се смени Уставот.
„Еден многу познат американски професор, ама и еден од најдобрите познавачи на евроинтеграциите, Џозеф Вајлер, го нарекува „евромандаринство“. И на ЕУ исто така ѝ требаат длабоки реформи како на Обединетите нации. Штом ќе ви се случи војна, а вие сте настанале како мировен проект…“, изјави Давкова.
Според неа време е за време за политика заснована на докази.
„Ако вие таму речете дека преговарачката рамка е во ред, дека е усогласена, дека е тоа направено bona fide, тие ќе ви поверуваат. Ако вие укажете пристојно, културно, со аргументи, дека имате укажувања, дека имате забелешки на некои решенија, дека тие решенија не кореспондираат со филозофијата на Европската Унија, дека тие решенија не се прифатливи за повеќето од граѓаните, дека не можете тукутака да ги наметнете бидејќи зборувате за демократски, политички европски систем, за демократски политички систем, македонски политички систем, тогаш мислам дека ќе размислат, ако не самите тие, тогаш нивните соговорници“, додаде таа.
Уставните измени со кои Северна Македонија треба да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата од Уставот се услов земјава да ги отвори поглавјата од преговорите за членство во Европската Унија. Дека тоа е единствената пречка, децидни во изјавите досега беа сите претставници на меѓународната заедница.
Но, македонската претседателка Сиљановска Давкова по средбата во Софија на 10 јуни со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова изјави дека Бугарија нема барања само за уставните измени туку и за историската комисија. Од кабинетот на Јотова, пак, по средбата објавија соопштение во кое го потенцираат условот за внесување на Бугарите во Уставот.
Претседателката Сиљановска Давковапотврди дека Македонија ќе биде организатор на настанот „Брдо-Бриони “ кој традиционално досега го организираа Словенија и Хрватска, со тоа што посочи дека се уште не е донесена одлука дали да биде во Скопје и ли Охрид.
„Кога колегите од Словенија и од Хрватска сметаат дека јас би можела да бидам таа што ќе ги собере сите, јас веднаш прифатив, мислам дека не е тоа грешка. Може нема да биде тоа ни Брдо ни Бриони, ама ќе биде еден добар балкански чекор. Ние дејствуваме во рамките на процесот „Брдо – Бриони“ како одговорен регионален играч и тоа го почитуваат сите мои колеги и колешки“ изјави Давкова.


