По хаосот на „Табановце“, странците сега може со апликација да плаќаат казни од „Безбеден град“

Објавено:

Министерството за внатрешни работи (МВР) стави во функција веб-апликацијата со мобилен интерфејс „Безбеден град“, која во оваа фаза е наменета само за странските државјани, односно за сопствениците и возачите на возила со странски регистарски таблички.

„Преку апликацијата странските државјани ќе можат едноставно и директно да добијат информации за сообраќајните прекршоци евидентирани со системот ’Безбеден град‘, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози, како и да ги подмират глобите по електронски пат“, соопшти МВР.

Ова следува откако вчера и денеска (19 и 20 август) на граничниот премин „Табановце“ при излез од државата на странските возила, МВР почна да им ги наплаќа казните од прекршоците што им ги уловите камерите од „Безбеден град“.

Ова создаде хаос на границата, колони возила во кои патниците чекаа и по неколку часа за да платат казна и да продолжат кон Србија. Најголем дел од странците беа српски туристи кои транзитираат низ Македонија за да стигнат на одмор во Грција.

„Денес поминавме низ овој пекол. Најголемиот проблем е што Македонците имаат само една камера. И затоа сите се слеавме во една колона каде што е таа камера“, гласеше еден од коментарите на српските туристи оставен на социјалните мрежи.

Како функционира апликацијата?

Апликацијата за проверување на казните, како и за плаќање од страна на сопствениците на странски возила е достапна онлајн, а од МВР појаснуваат дека при логирањето, потребно е возачот да ја слика или скенира својата патната исправа и да ја внесе регистрацијата на возилото или возилата кои тој ги користел на територијата на Македонија.

„На овој начин, странските возачи кои со своите возила ќе бидат евидентирани дека сториле сообраќаен прекршок на територијата на целата држава, ќе можат навремено и едноставно да се информираат и да ја регулираат својата обврска, без потреба од дополнително задржување на граничните премини“, велат од МВР.

Во следна фаза, според најавите, апликацијата ќе може да ја користат и други и други категории корисници.

Системот „Безбеден град“ официјално почна да регистрира сообраќајни прекршоци и да испраќа казни до возачите од 1 февруари 2026 година. Претходно, два месеци имаше тест период, во кој само се испраќаа известувања до граѓаните без наплата на казни.

На почеток, системот регистрира четири вида сообраќајни прекршоци: непрописно паркирање; брзо возење, поминување на црвено и управување со возило со истечена регистрација. Надлежните најавија дека оваа листа ќе се проширува.

Меѓу делниците на кои се поставени камери е и автопатот кон Грција. Конкретно, „Безбеден град“ за сообраќајни прекршоци во оваа фаза функционира во три града – Скопје, Куманово, Тетово, како и на коридорите 8 и 10.

Во меѓувреме, камери се набавуваат или поставуваат и во други градови, додека целта на надлежните е системот да се воведе на територија на цела држава. Исто така, се најавува оти ќе се прошири и листата на прекршоци што ќе може да ги ловат камерите.