Казните од „Безбеден град“ ги „заглавија“ странците на Табановце

Објавено:

Министерството за внатрешни работи од вчера (19 август) почна да наплаќа казни за сообраќајни прекршоци уловени кај возила со странски регистарски ознаки на територијата на Македонија што предизвика редици на граничниот премин „Табановце“ со Србија.

За стартот на наплатата казни информираше и МВР појаснувајќи дека на „Табановце“ при излез од државата во системот се појавуваат возилата што биле фатени со камерите низ македонските патишта.

Почетните гужви, се должат, меѓу другото што се наплаќаат и прекршоците регистрирани претходно, а не само вчера.

„Поголемиот број возила кои денес (19 август) се појавуваат на граничниот премин се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци. Министерството за внатрешни работи презема активности за непречено одвивање на постапката и намалување на задржувањето на патниците“, наведе МВР.

Објаснувањето кое МВР го даде доцна вечерта на 19 август доаѓа откако претходно во текот на целиот ден преку социјалните мрежи можеа да се забележат реакции од граѓани.

Најголем дел од нив доаѓаат од српски државјани кои овој период транзитираат низ Македонија за да одат на одмор во Грција.

Дел од нив сугерираат дека отсега ќе патуваат преку Бугарија, но најголемите забелешки се за времето на задржување односно што некои чекале и со часови.

„Беше страшно. Една лента и автобуси и автомобили. Колапс. Мали деца плачат, луѓе нервозни. Тотално неорганизирано. Неколку пати само што не избувна и тепачка“.

„Денес поминавме низ овој пекол. Најголемиот проблем е што Македонците имаат само една камера. И затоа сите се слеавме во една колона каде што е таа камера“, гласат дел од коментарите.

Во објаснувањето од МВР, меѓу другото, се посочува дека воведувањето на механизмот за санкционирање на странските возила се обезбедува еднаков и неселективен пристап без разлика за кого станува збор.

Системот „Безбеден град“ официјално почна да регистрира сообраќајни прекршоци и да испраќа казни до возачите од 1 февруари 2026 година. Претходно, два месеци имаше тест период, во кој само се испраќаа известувања до граѓаните без наплата на казни.

На почеток, системот регистрира четири вида сообраќајни прекршоци: непрописно паркирање; брзо возење, поминување на црвено и управување со возило со истечена регистрација. Надлежните најавија дека оваа листа ќе се проширува.

Меѓу делниците на кои се поставени камери е и автопатот кон Грција. Конкретно, „Безбеден град“ за сообраќајни прекршоци во оваа фаза функционира во три града – Скопје, Куманово, Тетово, како и на коридорите 8 и 10.

Во меѓувреме, камери се набавуваат или поставуваат и во други градови, додека целта на надлежните е системот да се воведе на територија на цела држава. Исто така, се најавува оти ќе се прошири и листата на прекршоци што ќе може да ги ловат камерите.