Потребна е ревизија на процедурите за градба, апелираат експертите по појавата на свлечиште во Центар

Објавено:

Недоволно внимание се посветува на градежните работи, особено во густо изградените урбани средини, како што е центарот на Скопје и токму затоа треба да се преевалуираат сите процедури за тоа што е неопходно да се исполни пред да се почне со градба, порача денеска деканот на Градежниот факултет во Скопје, Јосиф Јосифовски.

Изјавата следува откако вчера, 26 мај, беа изречени најстроги законски казни и санкции во согласност со Законот за комуналните дејности по појавата на свлечиште на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква во Скопје. Инспекциските служби на Општина Центар по извршениот увид констатирале сериозни оштетувања на јавната инфраструктура и низа неправилности во изведбата на градежниот објект.

Јосифовски вели дека во законската регулатива не постои задолжение за изведба, за проект за заштита на градежни јами и дека токму од тука настануваат проблеми.

„На едно од претходните случувања имавме и човечки жртви, односно човечка загуба, што е нешто најстрашно што може да се случи. Сметам дека треба да се разбудиме, треба сите институции во својот домен да го направат она што е потребно, а ние како Градежен факултет и фела, тука сме да ги дадеме нашите согледувања и инструкции – што е неопходно да се направи за да вакви состојби не се повторуваат во иднина“, рече Јосифовски.

Тој информираше дека Општина Центар веќе доставила до Градежниот факултет писмо со барање совети за санирање на свлечиштето во центарот на Скопје, а се одржал и кризен состанок на кои биле дадени препораки од стручната фела.

Најважно, според него е да се затрупа градежната јама и да се врати во првобитна состојба, па потоа да се бараат решенијата. Професорот алармираше и дека не се соодветно оградени градилиштата, односно зградите што се градат.

Инаку при надзорот на терен, кој бил спроведен во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР), Државниот градежен инспекторат и Секторот за урбанизам, биле евидентирани оштетувања на коловозот, тротоарот, канализациската мрежа и уличното осветлување.

„Со оглед на тоа што имав увид и во техничката документација конкретно за овој проблем, морам да кажам дека работите не се изведени и заштитата не е направена согласно постојната техничка документација, што значи немало ни стручен надзор на терен, инженер со овластување кој е задолжен тоа да го прави, кој имал шанса и да реагира и да бара да бидат изведени работите на терен како што се проектирани“, рече Јосифовски.

Од Општината порачаа дека нема да толерираат неодговорно однесување на инвеститорите со кое се загрозува безбедноста на граѓаните и се уништува јавниот простор. За случајот најавија и соодветни пријави и постапки пред сите надлежни институции.

Претходно за свлечиштето на земја на градилиштето, преку објава на Фејсбук реагираше здружението „Во одбрана на Буњаковец“ од каде што споделија и видео од инцидентот. Според групата, свлечиштето настанало на градилиште на спојот на улицата „Христо Смирненски“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и, како што информираа, се работело и за време на државен празник.