„Комунална хигиена“ има милионски долгови и повеќе неисправни отколку исправни возила

Објавено:

Нефункционални се 60 отсто од возилата на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кои исто така има големи долгови во период кога потрошило три милиони евра за вработувања преку агенции за вработување, објави Државниот завод за ревизија(ДЗР) во ревизорски извештај за работата на претпријатието во 2024 година.

Тогаш директори беа Гоце Трајковски, кој беше назначен од поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска откако ја разреши дотогашната директорка Косана Николиќ – Мазнева и Јетон Неизири, кој истоа така беше и назначен и разрешен од Арсовска при честите кадровски промени во раководната позиција во ЈП „Комунална хигиена“.

„Од вкупно 189 специјални комунални возила со кои располага претпријатието, само 76 се во возна состојба, додека 80 се неисправни и 33 се хаварисани, односно 113 возила или 59,79% се нефункционални, што значително го ограничува оперативниот капацитет на претпријатието во услови на зголемени потреби за континуирано покривање на услугите кон корисниците“, пишува во ревизорскиот извештај.

Исто така, од резервните делови на залиха, 40 отсто се набавени во 2009 година, истите се застарени и без реална употребна вредност, според ДЗР.

Ревизорите констатирале и дека поради необезбедена согласност на Годишните планови за вработување од страна
на основачот, јавното претпријатие во 2024 година преку приватна агенција за вработување ангажирало 354 лица, даватели на услуги, административни службеници и помошно технички персонал и за кои биле потрошени
185.680 илјади денари или над три милиони евра, „што укажува на непостојаност на човечките ресурси кои треба да ги извршуваат редовните работни задачи во претпријатието“.

Ревизијата утврдила неправилности и во начинот на пресметка на платата на директорот и кај прекувремената работа на административните службеници, потоа намалена ликвидност поради која претпријатието доцни со плаќањата кон
добавувачите, што резултира со камати, казни и ризик од блокада на сметките и сето тоа ги продлабочува загубите и ги ограничува инвестициите во возен парк, опрема и инфраструктура.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кога стапи на функцијата во ноември 2025, најави темелно чистење на Скопје во рок од 72 часа поради ѓубрето во кое беше затрупан главниот град, а кое „Комунална хигиена“ не го собираше.

Претходно, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР) во координација со повеќе инспекциски и здравствени институции да спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, поради сериозни проблеми со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад.

Обвинителството тогаш определи притвор за поранешен директор и за еден од раководителите на претпријатието, за кои посочи дека го пропуштиле целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад и со непрописно управување со отпадот овозможиле да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини со што предизвикале го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести.