Европските влади стравуваат дека Владимир Путин би можел да го искористи „сегашниот момент“ за напад. Функционери и законодавци од областа на одбраната се плашат дека Кремљ следната година или две, додека Доналд Трамп е сè уште во Белата куќа, а Европската унија не ги зајакнала своите воени капацитети, ќе ја види како идеална прилика за тестирање на посветеноста на Западот кон НАТО сојузот. Иако војната во Украина ги покажа границите на моќта на Москва, рускиот претседател одамна покажува желба за освојување нови територии, пишува бриселски Политико.
„Работите би можеле да се одвиваат многу брзо, Русија сега ја има својата прилика. САД се повлекуваат од Европа, трансатлантските односи се во распад, а ЕУ сè уште не е сосема подготвена самата да ја преземе одговорноста“, вели Мика Аалтола, фински пратеник од десниот центар во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Можни ли се целни нападии?
И британски Дејли експрес пред една недела пишуваше на оваа тема.
„Владимир Путин би можел да нападне територија на НАТО за неколку месеци“, предупреди еден истакнат западен лидер, пишуваше Дејли експрес во април годинава.
Полскиот премиер Доналд Туск откри дека се плаши дека САД можеби нема да ѝ притекнат на Европа во помош во такво сценарио. Најважното прашање е дали Соединетите Држави се подготвени да бидат лојален партнер на НАТО во случај на руски напад. Неговото предупредување за нешто навистина сериозно’ доаѓа среде шпекулации дека Путин ги набљудува западните острови во Балтичкото Море за да ја тестира решителноста на Алијансата и ефективноста на нејзиниот одбранбен чадор од членот 5.“, пишуваше Дејли експрес.
„За целиот источен фронт, моите соседи… прашањето е дали НАТО сè уште е организација подготвена, политички и логистички, да реагира, на пример против Русија ако се обиде да нападне. Говорам за краткорочни перспективи, повеќе месеци отколку години… За нас е навистина важно да знаеме дека сите ќе ги сфатат обврските на НАТО исто толку сериозно како Полска… Вашингтон ја третира Полска како најдобар и најблизок сојузник во Европа. Но, за мене, вистинскиот проблем е што тоа значи во пракса ако се случи нешто. Сакам да верувам дека [членот 5] сè уште важи, но понекогаш, се разбира, имам одредени проблеми. Не сакам да бидам толку песимистичен, но она што ни треба денес е и практичен контекст“, изјави Туск за Фајненшал тајмс.
Членот 5 наведува дека сојузниците вооружен напад врз еден од нив треба да го сметаат за напад врз сите, но Трамп, чиј мандат завршува во јануари 2029 година, го нарече НАТО „тигар од хартија“.
Поранешниот литвански министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис, кој исто така предупреди на „поволен момент“ за Путин, рече дека рускиот претседател би можел „да го прошири конфликтот на некој друг сосед за да се обиде да избегне понижувачки преговори со Украина“.
Иако европската потрошувачка за одбрана нагло порасна по руската инвазија врз Украина во 2022 година, полниот ефект на терен ќе се почувствува дури за неколку години. Според Планот за одбранбена подготвеност на ЕУ, целта на блокот е да биде подготвен „веродостојно да ги одврати противниците и да одговори на секоја агресија“ до 2030 година.
Што ќе направи Трамп?
„Тоа би можело да биде некоја ситница на психолошко ниво што би нè исплашила, ако Путин процени дека таквата ескалација нè прави послаби, дека поради неа се чувствуваме загрозени и ја намалуваме поддршката за Украина. Русија не е семоќна, но и очајот е опасен“, изјави Виле Ниинисто, поранешен фински министер и претседател на Делегацијата на ЕП во Комитетот за парламентарна соработка ЕУ-Русија, пренесе Украинската новинска агенција Ју-Ен-Ен.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави во саботата дека „најголемата закана за трансатлантската заедница“ е „распадот на нашиот сојуз кој е во тек“. Ако Путин ја набљудува посветеноста на Трамп кон НАТО, ќе ги земе предвид и неговите внатрешни политички предизвици.
Еден висок европски одбранбен функционер смета дека, ако републиканците лошо поминат на меѓуизборите во ноември, Трамп би можел да се обиде да ја придобие својата база со посилен притисок врз Европа и НАТО и со понатамошно повлекување на поддршката за Украина пред американските претседателски избори во 2028 година, пишува Ју-Ен-Ен.
САД на 1 мај 2026 објавија повлекување на 5000 американски војници од Германија, а Трамп се закани со ист чекор за Италија и Шпанија.
Според Дејли Еспрес, загриженоста на Туск ги одразува сомнежите низ континентот дека Доналд Трамп можеби нема да распореди американски трупи за да одбијат напад од Путин врз западна територија. Земјата која се смета за најзагрозена е балтичката држава Естонија, каде што се стационирани околу 900 британски војници.
Во тој контекст, пишува Дејли експрес, е и изјавата на началникот на одбраната на Шведска, Мајкл Класон, кој предупреди дека Русија планира да окупира остров што му припаѓа на западна држава во Балтичкото Море како тест за НАТО.
Опции или операции?
Фактот дека Русија е ослабена, дека Украина продира низ нејзината одбрана и напаѓа длабоко на нејзина територија, го прави Путин само поопасен за Европа во овој момент.
Ар-Би-Си Украина, пренесувајќи ги изјавите на финскиот пратеник Мика Аалтола, дадени за Политико дека „Ширењето на конфликтот на други боишта би можело да ѝ даде адут на Русија во преговорите… а тој излез не се мировни преговори, туку ширење на конфликтот и дека би можела да се случи операција со дронови, операција на Балтичкото Море, нешто на Арктикот, целење на мали острови… “, вели дека со покренување на таква операција, Путин би се обидел да изврши притисок врз европските сојузници на Украина, истовремено избегнувајќи можен одговор од САД.
Има ли Русија капацитет за операција на Балтикот?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна сугерираше дека Русија би можела да се подготвува за напад на, „на пример, врз една од балтичките земји“. Високи функционери во Киев, по оваа изјава на украинскиот претседател рекоа дека тие земји се мета поради нивната поддршка за Украина.
Во меѓувреме, неколку балтичките политичари се обидоа да ја намалат таа закана, а дека е можна руска воена операција на Балтикот се скептични и повеќемина функционери во НАТО.
„Русија е презафатена во Украина. Мислам дека нема доволно капацитет да се обиде да води војна и на Балтикот“, рече неодамна естонскиот претседател Алар Карис, а тој аргумент го повторија и еден висок дипломат на НАТО и тројца европски финкционери од одбраната.
Сепак, шефот на естонската држава додаде: „Европа не смее ништо да исклучи. Никогаш не се знае. Никој не очекуваше ни војна во Украина. Будни сме. Подготвени сме. Ги држиме очите отворени“.


