Рокас: Има забрзување, ама има и реформи кои до сега требаше да се исполнети

Објавено:

Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска изјави дека „има забрзување на процесот на реформите споредено со Извештајот од минатата година“. Тој при денешната посета на Крушево додаде дека „искрено се надева дека годинашниов извештај ќе може да покаже дека е направен напредок и дека ќе има резултати“.

Според Рокас, во тек е подготовката на Извештајот кој треба да се финализира во септември, а до крајот на јуни  е рокот за чекорите и мерките што треба да ги спроведат Владата и министерствата.

„Годишниот извештај на Европската Комисија е во тек на подготвување и треба да се финализира до септември или во почетокот на септември, така што мислам дека тоа што може да се нотира таму е дека многу макотрпна работа е направена досега. Јас сум убеден дека ова ќе биде извештај кој ќе покаже напредок, кога ќе се спореди со минатиот Извештај на Европската Комисија. Но, она што е поважно е реформската агенда. Европската Унија има блиска соработка заедно со Владата и со министерствата со цел да може да се направи напредок во неколку сфери“, изјави Рокас.

Евроамбасадорот нагласи дека, сепак, има и рокови за изсполнување на одредени реформи.

„Што се однесува на некои чекори или мерки кои требаше досега да бидат спроведени од Владата и од министерствата, нивниот рок истекува кон крајот на јуни. Меѓутоа, генерално, кога ќе се спореди со Извештајот од минатата година, може да нотираме дека има забрзување на процесот на реформите, така што јас искрено се надевам дека годинашниов извештај ќе може да покаже дека е направен напредок и дека ќе има и резултати“, додаде Рокас.

Пред една недела Рокас рече дека „малку прагматизам, одлучност и политичко обединување ѝ е потребно на Северна Македонија за да го забрза патот кон Европската Унија“. Убеден е дека земјава и припаѓа на европското семејство и дека сме поблиску до таа цел отколку што мислиме”.

„Во изминатите 20-25 години надежите и ентузијазмот беа високи, но исто така имаше и неуспеси и разочарувања во текот на годините и прашањето е како можеме да ги надминеме прашањата и да одиме напред бидејќи нема сомневање дека Македонија припаѓа на европското семејство и всушност, сме многу поблиску отколку што мислиме“, рече евроамбасадорот Рокас на конференција „30 години на европскиот пат: односите Северна Македонија – ЕУ и патот напред“, на 6 мај годинава.