Коментирајќи го последниот извештај на Европската комисија за правосудството, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека судството нема да добие повеќе пари сѐ додека не почне да испорачува, а негова работа е како што рече, да критикува сѐ додека не види напредок во испораката на правдата.
„Пари повеќе нема да добијат. Пари нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавно обвинителство да се стави сума од 0,5 проценти од буџетот. Нема да добијат, затоа што не ги заслужиле. Затоа што очекуваме дека правдата ќе ја донесат. Она коешто ние го овозможивме со овие измени е фактот дека сè што побараа во делот на вработувања, самостојност и така натаму, сè добија. Едноставно, пари повеќе нема. Ако некој мисли дека на овој начин ќе врши притисок врз Владата, нема тоа Владата да го прифати. Бидејќи независноста со пари не се обезбедува, туку се обезбедува со работа. Со работа, а не со допишување на работни саати и така натаму, дежурства и проценти“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Дебарца.
Европската комисија во најновиот извештај за владеењето на правото во Северна Македонија предупредува на сериозни слабости во судството и борбата против корупцијата. Се признава напредок во изборните процеси и усвојувањето на нови стратегии, но главните критики се насочени кон политичкото влијание и недоволната имплементација на антикорупциските мерки. Во него се наведува дека довербата во независноста на судството е драматично ниска, односно дека само 21% од граѓаните и 19% од сопствениците на компаниите сметаат дека судовите и судиите работат независно.
Премиерот вели дека извештајот е редовен извештај што го објавува ЕК за сите земји членки, а последните три години е и за дел од кандидатите. Од кандидатите се анализирани четири земји: Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија. Вели дека во него има пофалби, констатирани политики кои што испорачуваат, но и критики.
„Во него е констатиран притисок од страна на политичари кон судството. Кога зборуваме судството, мислиме и на обвинителството и на судството. Тоа е едно. Второ – имаме исто така констатиран факт дека требало повеќе пари да има за обвинителите и судиите. И трето – е критика за самите обвинители и судии, што е контрадикторно на втората забелешка. Така што, контрадикторни се тие два заклучока. Од една страна велат судскиот систем не испорачува, од друга страна Владата да даде повеќе пари. Тие две работи едно со друго не одат. Или ќе почнат да испорачуваат, па да добијат, или нема да добијат“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека ќе продолжи јавно да ги повикува судиите и обвинителите да испорачаат правда, а граѓаните, вели, се самите се тие коишто констатираат дека немаме испорака на задоволително ниво од страна на правосудниот систем и тоа е општо позната констатација.
Комисијата меѓудругото, нотира дека мешањето и притисокот од другите државни гранки ја загрозуваат судската независност.
„Избраните функционери и владините претставници ги засилија своите лични критики против судиите и обвинителите, обвинувајќи ги за корупција. Беа дадени и изјави од највисоките нивоа на Владата за планови за прочистување на судството и обвинителството. Овие изјави ризикуваат да ја поткопаат независноста и принципот на поделба на власта“, се наведува во извештајот.
Овие пораки, според Европската Комисја, ризикуваат да ја поткопаат независноста на судството и принципот на поделба на власта.
Дополнително, судиите и обвинителите се соочуваат со зголемен притисок преку јавни кампањи за дискредитација и онлајн и во медиумите, во кои учествуваат високи функционери и политичари, забележува ЕК.
Како реакција, Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии заеднички издадоа јавно соопштение, изразувајќи загриженост за постојаните, и како што наведуваат, неосновани критики кон судството. Тие предупредија дека ваквите напади ја нарушуваат судската независност и ги кршат демократските принципи на поделба на власта.


