ВМРО-ДПМНЕ од партиска дискусија најави помош за жените – жртви на насилство

Објавено:

Унијата на жени(УЖ) на ВМРО – ДПМНЕ ќе отвори бесплатен телефонски број за жртвите од семејно насилство со цел правна помош и советување, најави Марија Митева, претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот Комитет на партијата, на вчерашната панел – дискусија во рамки на кампањата „16 дена активизам“ против семејното насилство.

Намерата е преку соработката со правната комисија во рамки на партијата, на жртвите да им бидат достапни бесплатни правни консултации, информации за нивните законски права и стручна помош за полесно остварување на заштитата и снаоѓање во институционалните постапки.

„Сакам да бидеме јасни дека апсолутно како Унија на жени застануваме против насилството со сите свои механизими, дека ќе зборуваме, ќе се обидеме да делуваме превентивно, дека ќе се обидеме да ја поткренеме свеста против овие појави, дека ќе се обидеме да ги охрабруваме жртвите да ги пријавуваат насилниците, дека „ќе им дишеме во врат”, практично кажано на институциите, побрзо и подостојно да реагираат во секое време, но се разбира дека и од нас се очекува како УЖ да преземеме конкретни чекори“, изјави Митева.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, пак најави и безбеден превоз до засолниште или надлежна институција, итни пакети со храна, средства за хигиена и основни производи за децата.

„Предвидуваме едно лице за контакт кое, со согласност на жената и во доверба, ќе ѝ помогне да стигне до потребната поддршка, без одново да раскажува што преживеала пред секоја служба. На тематска седница на Локалниот совет за превенција ќе договориме кој е одговорен за секоја услуга и како ќе се постапува кога помошта е итна. Предвидуваме и сертифицирани обуки за практични вештини и поврзување со работодавачи. Сопствениот приход значи слобода жената да одлучува за себе и за своите деца, без економската зависност да ја принуди да се врати во средината во која трпела насилство“, рече Ѓорѓиевски.

Тој кажа дека Град Скопје претходно отстапи стан во сопственост на Градот за шелтер-центар, наменет за заштита и привремено сместување на жртвите на родово базирано насилство и финансиски ги поддржува здруженијата што обезбедуваат стручна помош и советување.

Но, додека функционерите велат дека силно се залагаат за борба против насилството врз жените, законските измени кои пратениците треба да ги изгласаат за полицајците да можат полесно да го отстранат насилникот од домот и да им понудат подобра заштита на жртвите, три месеци стојат во Собранието. Измените беа поднесени во август откако беа утврдени во рамки на работната група иницирана од МВР и Министерството за социјална политика, демографија и млади по смртта на Ивана и нејзината ќерка Катја во скопско Тафталиџе.

Со нив се предвидува да се прошират полициските овластувања во случаи на сериозна и непосредна опасност, со можност сторителот да биде отстранет од домот, да се унапреди заштитата на децата кои се директни или индиректни жртви на насилство, вклучително и привремено ограничување на комуникацијата со родителот кој е вршител на насилството и да се воведе можност за електронско следење на сторителите кога им се изречени мерки за забрана за приближување и комуникација со жртвата.

„Многу луѓе кои се на позиции на моќ, кои се на позиции да направат промена и навистина да го подобрат системот на заштита на жените и децата жртви на насилство, избираат да се сликаат, да ветуваат и да даваат декларативни заложби. Но, од година во година гледаме дека ништо не се случува“, вели Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство на вчерашната прес-конференција.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи годинава се регистрирани седум фемициди. МВР поднело 1.450 кривични пријави за семејно насилство во 2026, што е двојно зголемување во споредба со минатата година.

објави колегиум.мк