Генералот Младиќ меѓу власта и опозицијата во Македонија

Објавено:

Владата да се изјасни дали го поддржува „величењето на генерал Ратко Младиќ“ од страна на актуелниот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, а тој да си поднесе неотповиклива оставка поради „славење на осуден воен злосторник“, побара опозицијата, но и ВЛЕН, која е дел од Владата.

Жестоките опозициски реакции следуваат откако Китановиќ, кој на функцијата е поставен од актуелната Влада, на Инстаграм објавил фотографија на која генералот Младиќ е прикажан заедно со уште неколку српски историски личности, меѓу кои и четничкиот лидер Дража Михаиловиќ, со текст: „Генерали на небеската војска”.

Ратко Младиќ беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Пресудата ја опфати неговата одговорност за геноцидот во Сребреница во јули 1995 година, кога беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци, како и за тероризирањето на цивилното население за време на опсадата на Сараево, земањето припадници на Обединетите нации како заложници и прогоните во повеќе општини во Босна и Херцеговина.

Младиќ почина завчера во затворот Шевенинген.

СДСМ и ДУИ бараат оставка од Китановиќ

Опозициските СДСМ и ДУИ побараа политичка и институционална одговорност. СДСМ го повика премиерот Христијан Мицкоски да каже дали величањето на човек осуден за геноцид е став на Владата или испад на нејзини функционери.

Според опозицијата, „во извршната власт има место за луѓе кои слават воени злосторници“.

ДУИ побара разрешување на Китановиќ и ја обвини ВЛЕН, која е дел од владината коалиција, дека сноси политичка одговорност за однесувањето на партнерите во власта и за „молкот пред романтизирањето на злосторствата“.

Ова е втора критика од СДСМ до Владата за неколку денови, на сметка на владиниот партнер Демкратска партија на Србите (ДПС), од каде доаѓа и Китановиќ. Социјалдемократите пред неколку дена го обвинија лидерот на ДПС, Иван Стоилковиќ „дека преку продлабочување на соработката со Кина и неговите претходни политички позиции промовира руски, српски и кинески интереси“, на што следуваше реакција дека „тоа се политички квалификации на опозицијата, а не утврдени факти за постоење координирана странска операција“.

Според СДСМ, „премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, се извршители на хибридното дејствување на српскиот претседател Александар Вучиќ на Балканот.

ЛДП: Владата да се огради

И Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро ја осудува секоја форма на, како што наведуваат, „величење и глорификација на Ратко Младиќ – правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства“.

„Ова не е прашање на политички став, национална припадност или различно толкување на историјата. За геноцидот нема друга страна на приказната кога фактите се утврдени со правосилни пресуди на меѓународните судови. Особено е недозволиво ваквата глорификација да биде поврзана со носители на високи државни функции.

Затоа бараме Владата веднаш, јавно и недвосмислено да се огради од постапувањето на министерот за локална самоуправа и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и да утврди политичка одговорност. Не може Македонија пред Брисел да се повикува на европски вредности, а дома Владата да молчи кога нејзини функционери учествуваат во величење на лице осудено за геноцид“, наведуваат од ЛДП.

Осуда и од ВЛЕН

Од владејачката ВЛЕН соопштија дека најостро го осудуваат секое глорифицирање на четниците, особено величањето на Младиќ, и побараа итна одговорност. Без директно да го именуваат Китановиќ, нагласија дека е особено загрижувачки кога вакви содржини објавува раководител на институција задолжена да ги штити правата на Албанците и на другите заедници.

„Оној кој не ги почитува жртвите и вредностите на соживотот не може да биде гарант на правата на заедниците“, порачаа од ВЛЕН.

Ваква полемика предизвика и објавата на фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија, во која осудениот воен злосторник е опишан како војник и генерал кој животот го ставил во служба на својот народ.

Во текстот се наведува дека многу Срби ќе го паметат „по униформата и по генералот“, со пораката: „Генерале, почивај во мир. Времето ќе суди. Историјата ќе се сети. И ние ќе се сетиме“.

Владата се огради од својот директор

По реакциите во јавноста за објавата на Китановиќ за Младиќ, Владата излезе со став „дека нивната позиција се темели на меѓународно утврдените правни факти“ и дека ставот на Китановиќ не е владин став.

„Ратко Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежниот меѓународен суд“, наведуваат од Владата.

Оттаму нагласуваат дека ставот на Китановиќ е негов личен став и дека како таков е неприфатлив за Владата.