Билбордот „Добредојдовте во Скопје“ кој градските власти го поставија на 18 јули, е заменет со нов по силните реакции во јавноста, поради неколку грешки во него. Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на социјалната платформа Фејсбук изјави дека ако најголемиот грев е печатена грешка, тогаш градските власти се на одличен пат.
„Кој работи и греши, а ме радува кога најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка. Тоа е така затоа што јас и мојот тим го слушаме гласот на граѓаните и ги решаваме нивните проблеми“, напиша Ѓоргиевски.
Највпечатлива грешка на претходниот билборд беше коњот Букефал, кој имаше пет нозе и стана главен предмет на шеги на социјалните мрежи. Воинот на коњ наместо со класичен антички шлем, беше прикажан со чудно ставена капа, која граѓаните ја опишаа како „капа на отомански бег“ или лик од евтин цртан филм. Камениот мост, пак, беше неприродно издолжен и му беа додадени најмалку четири лака повеќе од реалниот објект. Дел од коментарите беа посочени дека наместо на приватна компанија која со помош на вештачка интелигенција (ВИ) го направила дизајнот, требало да им се даде задача на студентите од факултетот за ликовна уметност.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека печатената грешка веќе е исправена и дека Скопје добило нов знак „како што доликува“, нагласувајќи дека замената нема финансиски да ги чини граѓаните.
„Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува. И за да нема дилеми, корекцијата градот не го чини ништо и трошоците се на компанијата – изработувач која го постави преку ЈП „Улици и патишта““, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Спорниот билборд беше поставен во петокот вечерта како нов знак за добредојде на влезот во главниот град, но предизвика лавина критики поради очигледни пропусти во визуелното решение.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својот коментар истакна дека е жално што поминале два градоначалнички мандати и никој не го променил знакот ,,Добредојде во Скопје”, кој руиниран стоеше така со години.
„И за да нема дилеми, корекцијата градот не го чини ништо и трошоците се на компанијата – изработувач која го постави преку ЈП ,,Улици и патишта”“, вели Ѓорѓиевски.
Дополнително, од Градот не соопштија колку чинел билбордот, ниту која компанија го изработила.


