Секоја чест! Свртевме игрицата!
Во цел свет Лотарија е игра на среќа, само во Македонија е игра на знаење.
Добро не баш знаење, повеќе познавање. Познавање луѓе во случајов. Сваќата, зетот, другарчето од маало, штабски пријател, пријател од кафана… не е битно, битно е да ти е човек од доверба. И, да имате заеднички интерес нормално!
Принципот е следен, стекнуваш познанство во кафана или роднинска врска заснована на делење меѓа во селото на баба ти, врзуваш два реда муабет, сфаќаш дека работи во Лотарија. 3-та ракија, почињате да се „врзувате“, почињаат да чешаат рачињата и оооп се раѓа идеја.
Ти шепоти на уво дека „има комбинација“ за да „лапате“ некој денар од државата т.е. дека Лотарија финансира некои проекти од тоа културата и за тоа, како го викаат, општествена одговорност.
Како што приликата наложува, својот естраден мајндсет или медиумско присуство го претставуваш како сериозен придонес во нашата културна „баштина“ и веќе имате потенцијал за аплицирање на непостоечки конкурс.
Генијално!
Тргнуваш во реализација на великолепната идеја.
Идејата одамна тлее како најбољи проект евр… издание на музички албум, спот, фестивал, концерт, за кој што на никој до сега не му текнало!?
Сега конечно ги имаш луѓето, па се окуражуваш и ја „фрлаш“ на маса оваа твоја еурека… еее сеа тука доаѓа првата пречка – НЕАМЕ ФИРМА, брат.
Се јавуваш на твојот човек у Лотарија, он ти дава едно утешно „Шо се секираш…сплескајте едно фирмиче набрзина… ќе средиме работа“.
Тргнуваш по административните лавиринти, малку заглавуваш, па пак наоѓаш човек, пушташ нешо ситно под рука, проблемот е решен.
Фирмата е регистрирана, одиме во акција.
Ничим изазван, поднесуваш „проектче“ до административните простории на Лотарија. Архиварката те гледа збунето и малку нервозно бидејќи и ја реметиш сласта на последните три гриза од сендвиот за појадок.
Ти вели: „Дечко, овде нема распишано никаков конкурс“. Се повикуваш на Перо (пријателов од кафаната) или Жане (Сваќата), и добиваш едно повратно „Ааа па така кажи…“. Неволно ги зема твоите документи и ги складира во „туцето“ со другите привилегирани. Таа ги знае сите комбинации, ама мудро си ќути, да не ја избркаат од работа.
Потпрашуваш, кога евентуално би се знаел исходот и добиваш повратно „Иххх, а ти као не знаеш дека веќе си добитен!? Лотарија е ова, не кладилница хехе…“.
И потоа следи едно отсечно „Чуј се со Перо (ти намигнува)“.
Излегуваш на улица, горд на добро завршената работа, го грабаш телефонот и вртиш на човекот.
Бидејќи твојот ниско калибриран мозок, кој напишал проект и образложение на цели два листа А4 формат, мисли дека во моментов е спремен да стане министер за култура, минимум директорче на институција, вадиш ај-кос од педерушата и му ѕвониш на Перо.
Пун самодоверба, настапуваш со вокален курч:
„Братуу, виде ли како се завршува работа за пар дена?“
Перо настапува малку од позиција на моќник, малку од позиција на мотиватор:
„Ти реков јас, уживај… знаев дека си добар дечко, ќе ја изгураме…“.
Спуштате слушалка, бизнисот залауфа, се ок.
За неколку дена добиваш повик:
„Причата помина кај надзорен… парите ќе ти легнат до среда“.
Секако неизбежен е и делот на крајот на разговорот:
„И види, смисли таму нешо ситно, како да им се раздужиме на луѓево шо го прогураа“.
Парите исплатени, митото поделено, проектот сплескан… сите среќни, освен напатениот буџет на оваа наша напатена земјичка, исцедена од комбинации и малверзации.
Сите ликови во ова писание се измислени, а и да не се, искрено ич не ми чуе за тоа дали некој ќе се препознае или навреди од текстот.
По објавувањето на ревизорскиот извештај на Лотарија, сфативме дека така отприлика функционира нашиот систем на финансирање од државните институции.
Прекрасен систем! Транспарентна постапка, ко што љубат да кажат нашите владетели.
Да се (или се да) задржиме во кругот на пријателите и фамилијата!
Лотото иде каааај…. Сваќата!
Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.


