Во каква Македонија живееме?

Објавено:

„Како тоа дозволивме да живееме во запустено место во кое владеат партиски мафии кои бранат само свои лични интереси, во книжевна пустина создадена од помодарски книжевно-профитерски лицемерни кланови, одгледувани во сеприсутните ресавски школи, во загадена паланка? […] Како дозволивме на работниците во културата да им се ускратуваат правата на елементарна заработувачка, а политичарите да си ги зголемуваат своите примања на нивна сметка и на сметка на работничката класа која ја нема веќе? Како тоа станавме културно-политичка забит која се распаѓа од корупција, национализам и омраза кон сите, а највеќе кон самата себе?“

До читателите: пред да продолжите со колумнава, сопрете на миг и навратете се на трите прашања горе. Се согласувате ли со нив? Ви значат ли нешто?

Тие не се мои туку на Наум Пановски, чиј роман „Коста Солев – смртопис“ го доби „Рациновото признание“ за 2026 година. Пановски ја одби наградата, а ваквиот чин предизвика реакции од Општина Велес, комисијата што ја доделила наградата, организаторите на Рацинови средби и дел од јавност.

Воглавно реакциите тежнеа да ја разјаснат ситуацијата околу доделувањето на признанието, па истите ги поставија прашањата зошто авторот конкурирал ако сакал да ја одбие наградата и дека комисијата ја донела одлуката со мнозинство гласови а не едногласно (значи, со два од три гласа).

Веројатно нивната цел е да ги одбранат угледот на организаторите и на институциите од можен скандал и негативни бранувања во јавноста. Сосема ја разбирам ваквата потреба, но имам две задршки. Прво, одбивањето е лична одлука на авторот и тој истото подробно го објасни. Оттука не гледам зошто на одлуката токму на неговото дело да му се додели наградата ѝ се приоѓа како на грешка што треба да биде исправена.

Второ, иако—повторувам—го разбирам значењето на деталите за организаторите и за Општина Велес—сметам дека спецификите на „случајот“ бледнеат во споредба со тежината на прашањата со кои Пановски нè приморува да се соочиме.

Не можам да говорам за неговиот роман бидејќи го немам прочитано. Исто така, не претендирам на стручност околу Рацин, неговиот живот и творештво. Се сеќавам дека првиот прочит на „Денови“ кога ја обработувавме „Бели мугри“ во гимназија ми го наметна прашањето дали е можно Коста Солев да мисли на Белиот двор на Дедиње кога ќе напише „За туѓи бели дворови / копај си црни гробови!“ Следствено на мојот афинитет за историјата, многу повеќе ме интересираа неговата студија за богомилското движење и есеите за Хегел отколку неговото поетско творештво. И тука некаде завршуваат моите интереси и познавања за Рацин.

Прашањата што Пановски ни ги поставува многу повеќе се однесуваат на Македонија одошто на Рацин. А што друго би било во интерес на јавноста ако не анализа и подобрување на состојбите во Македонија? Ајде таму да ја пренасочиме целава полемика.

Морам да признаам дека кога Пановски праша „како тоа станавме културно-политичка забит“, бев принуден да гуглам што значи зборот „забит“. Хрватскиот јазичен портал ми откри дека именкава означува непристапен крај, недојдија. На хрватско-српски е „забит“, а на српско-хрватски има една алтернатива, што можеби е и поосодветна. Содржи име на диво животно.

Состојбата во Македонија не е добра. И вака не е од вчера. Јас лично сметам дека доживеавме крах на нашиот елан некаде на почетокот на 2022. Оттогаш како да живуркаме олеснети од перспективност и надеж. Не ја лоцирам вината во ниту една поединечна власт, туку во сите нив заедно.

Сметам дека обраќањето на Пановски ја разбранува јавноста токму поради тоа што авторот претставува голем дисконтинуитет со нашата реалност. Тој не блада за „Бисер балкански“ (читајте: никој ништо не ни може освен да нè мрази), но ниту пак слепо инсистира дека „И Сонцето е ѕвезда“ (читајте: ЕУ ќе нè избави од сите проблеми, а сите соседи многу нè сакаат).  Тој излегува вон етаблираните начини на артикулирање на светогледите на македонската левица, односно десница.

Вториот дисконтинуитет е во тоа што Пановски во обраќањето одби да го заборави југословенското минато. Говореше за својата почит кон борците од НОБ, а присутните ги поздрави како „другари и другарки“. Ја потсети јавноста и за придонесот што го дале и не-Македонците во градењето на Македонија и чувањето на споменот на Рацин: Тито, Вељко Влаховиќ, Невенка Вујиќ. Во интервјуто за 24 Вести со Биљана Секуловска предупреди дека не треба да се прави баук од српскиот јазик. За него, љубовта кон Македонија не значи откажување од некогашната „поширока татковина“, како што ја нарекуваа Југославија некогаш. Човек може да ги сака двете.

Третиот процеп во колективната перцепција се однесува на очекувањата кои луѓето во Македонија ги имаат за иселениците, т.е. за „дијаспората“, иако употреба на вториот термин во овој контекст е погрешна. Јавноста или очекува нашите луѓе да им покажат на „западњаците“ колку сме ние подобри и попаметни од нив или пак некогаш иселениците да се вратат за да инвестираат во Македонија. Првото очекување е на обичниот човек, а второто најчесто на властодржците. Првото произлегува од потреба за утеха, а зад другово стојат поинакви причини.

Но, изгледа никој не очекува од иселеник да дојде и на маса да тресне како стојат работите во Македонија во надеж дека тресокот конечно ќе нè разбуди, викајќи ќе нè на акција.

Во гореспоменатото интервју, Пановски ја оцени Македонија како пропадната држава. Ваквиот суд можеби е престрог. Но кога ќе каже дека „зборуваме, зборуваме но ништо не правиме“, дека „се занимаваме со периферни работи“, притоа тргајќи ги на страна културата и образованието, не можам а да не се согласам.

Според Аристотел, за трагичниот лик (а преку него публиката) да доживее катарза, треба првото да ја препознае својата трагична грешка. За препознавањето на нашата не се важни ни Пановски, ни авторот на оваа колумна.

Туку, треба да се свртиме навнатре и грешката да ја најдеме секој во себе. Да не затвораме очи пред непријатната реалност, ами да видиме како понатаму. А токму дисконтинуитетите нека нè потсетуваат дека поинаква иднина е можна. Можеби волкот-самотник ако на момент ја напушти глутницата за да ѝ се врати подоцна ќе успее да ја преобрази. Не еден, но сите. Волци-самотници звучи парадоксално. Сме виделе и поголеми апсурди.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.