„Сакаме достоинствен мир“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белград за време на обраќањето со српскиот претседател Александар Вучиќ, и рече дека треба да се искористи секоја можност за да постигне мир.
Зеленски е во посета на Србија во време кога војната меѓу Русија и Украина влезе во петтата година.
Вучиќ рече дека Србија ќе продолжи да го почитува територијалниот интегритет на Украина.
„Ќе продолжиме со таква политика, нема „но“ кога станува збор за територијалниот интегритет на Украина“, рече Вучиќ.
Тој изрази благодарност до Украина за поддршката на територијалниот интегритет на Србија. Украина не ја признава независноста на Косово.
Вучиќ изјави дека разговарале за хуманитарна помош и дека Србија одлучила да обезбеди значителна помош во форма на лекови.
Тој изјави дека смета оти Украина ќе биде позадоволна во наредниот период со енергетскиот сектор и со опрема потребна за зимата.
Претходно, Вучиќ и Зеленски зборуваа во Палатата на Србија, каде што беше одржана церемонија за добредојде на Зеленски, кој беше пречекан со националните химни на двете земји, со црвен тепих и со гарда.
Српските власти продолжуваат да одржуваат добри односи со Русија. И покрај тоа што се најде во меѓународна изолација и под санкции, Путин е сè уште најпопуларниот странски државник во Србија.
Србија е единствената земја од регионот и од кандидатките за членки на ЕУ, што не се приклучи на санкциите на Европската Унија кон Русија воведени поради инвазијата на Украина. Од друга страна, пак, за Киев и Белград заеднички се аспирациите за членство на Унијата и залагањето на тероторијалниот интегритет на државите.



