Невоспитани низаедни

Објавено:

Невоспитани, недоветни, недолични, неразбрани, неумни…Непрокопсани! Некако не нѐ бива со толку многу негации, литоти и фрустрации. И во стилистиката сѐ поретко се користат еуфемизмите, на сметка на вулгаризми. Демократијата нѐ фати неподготвени и невоспитани, па секоја вербална дрскост и вулгарност се третира како искреност и отвореност. Епа не се. Невоспитаност се. Јазик ,,Без влакно на јазик” може некого да убие на место. Затоа, преиспитајте си го речникот пред да ви излезе зборовен отров.

Колку повеќе се толерира невоспитаноста, толку побргу се прифаќа. Се губи границата до каде се може, се претопуваат критериумите, се нормализира и озаконува ненормалноста. Дури и на воeните судири гледаме како на нешто нормално и неизбежно, им се навикнавме како на променлива временска прогноза.

Сѐ почесто во пракса ја препознавам култната реплика на Аница Добра од филмот ,,Наташа”: ,,во овој свет кој е нормален е ненормален”. Или во духот на проф.Венко Андоновски” ,,Дојде време кога луѓето ќе полудат, и кога ќе видат некого кој не полудел , ќе го нападнат велејќи му дека е луд“. Поделени сме. Додека едните постигнуваат резултати со чесност и трудољубие, другите функционираат обратно од нив. Иронија е што вторите се во подобра кондиција, ментално и емотивно неистрошени оти го немаат тој ,,потрошен материјал” во себе. Немаат ни чувство на вина и одговорност, ниту срам. Манипулаторски вешто умеат да убедуваат дека немаат никаква вина, дури ни пред суд со видливи докази. Нивните аргументи се како топовско ѓуле во живо месо. Ментално те преполуваат на половина, да не знаеш веќе кој си.

Невоспитаноста е данокот на несмасни родители и учители, но и на инвазија од медиумскиот атак врз младите, паралелниот виртуелен свет. Данокот го плаќаме сите и секаде, и дома, и во училница, и на улица и на електринските медиуми.

Животот глобално станува еден голем сеир, чиј лајт- мотив е скандалозност по секоја цена. Најчесто и под цена. Тривијалност, сензационализам и вулгарност се ,,светото” тројство на новата, милеинумска кич парада на недоволно талентираните. Не умеат и не можат, но знаат како да си ја продадат сопствената негација на пазарот на трудот. Ете така регуларно се прави негативна селекција, се одбира просечноста која ја турка над просечноста подалеку од себе, за да нема споредба колку кој го бива. Зошто трач рубриките се најчитани, а секс скандалите најгледани? Зошто еден врвен научник или уметник не може да.собере толку лајкови колку што може некој скандал мајстор. Затоа што ги гледа и слуша (под)просечна публика, која не сака да види и слушне попаметни од себе. Обично таквите недоветни знаат да бидат и суетни, па не смееш да им кажеш колку не ги бива.

Крајно време е да се обрне големо внимание на воспитувањето. Ова важи за младите родители и на оние кои допрва ќе стануваат, оти сѐ што наполнило 10 години веќе е воспитано со оформен карактер. Агресивните малолетници на 12 /13 години веќе се ,,воспитани” и доцна е за превоспитување. Единствениот начин да почне да се поправа расипаното е да им се даваат на децата повеќе работни обврски сразмерно со возраста. Секако не алудирам на тешка физичка работа или работна експлоатација на деца, туку на секојдневни домашни обврски.

Ако може да крева тегови во теретана, може и вреќа со ѓубре да фрли во контејнер. Ако знае да се исфенира и нашминка, ќе знае и да исчисти соба, наместо кревет, зготви јадење… Презаштитнички се однесуваме кон децата, а тие се егоисти уште од најмала возраст. Така се раѓаме, себични..
Родителите нѐ учат на емпатија и создаваат услови за развој на емоционалната интелигенција. Какви граници ќе им поставиш, така ќе газат.
Да ги припитомиме суетата и горделивоста, злобата и завидливоста, да ги припитомиме кучките во нас и околу нас, со читањето книги.
Дон Кихот не споулавел од читање еднородни книги, рицарски романи, туку од копнежот кон подобар свет, но во својот ирационален ум.

Читајте насекаде. Читајте додека друг ве вози, додека чекате по стојалишта, во библиотеки, паркови, на клупа, во кревет, па и седнати на ве-це шолја, ако ви е згодно. Читајте за да вежбате упорност, одговорност и концентрација. Читајте на време за да се преиспитате и превоспитате ако некој погрешно ве воспитал. Луѓето кои што читаат книги имаат аура околу себе и кога влегуваат во празна просторија. Зборот им држи, мислата им тежи. Не сум сретнала до сега начитан и невоспитан, начитан и недоветен, начитан и неумен… За читање книги треба драгоцено време, токму онолку колку да те отргне од sиркањето во туѓи животи и простотилаци. Времето за читање книги е најголемата привилегија.

Затоа, превенција за невоспитаност и неукост е читачката навика. Светот на книгите е неспоредливо побогат од нашиот реален живот, од нашата моментална историја. Она што животот не може да ти го покаже и даде, книгите можат. Сѐ повеќе сум убедена дека новите генерации се нетолерантни зашто се неуки. Нетолерантен чивек е потенцијален агресор. Агресивците, без оглед дали се агресивни кон надворешниот свет или кон себеси (автоагресија) се празни луѓе, гладни за љубов и.внимание кои што не се компензираат со материјално богатство.

Сепак, светот не може без двете крајности. Агресијата го раздвижува, толеранцијата го стабилизира. Која страна ќе ја фатите зависи од вашето школувано срце.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.