Ирански медиуми: Војската го затвора Ормускиот Теснец

Објавено:

Иранската војска соопшти дека ја продолжува контролата врз Ормускиот теснец, јавуваат иранските државни медиуми.

Новинската агенција Фарс, која е поврзана со Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), Иранската студентска новинска агенција и државниот радиодифузер IRIB цитираат соопштение од ИРГЦ во кое се вели дека теснецот ќе се врати „во претходната состојба“, а вооружените сили ќе ја контролираат областа.

Претходно, Би-би-си пренесува дека се забележани неколку бродови како како транзитираат низ овој воден пат, но не е јасно колку точно поминале низ критичната бродска лента.

Во соопштението, иранската војска ги обвинува САД за „пиратство“ велејќи дека т.н. „блокада“ е еднаква на грабеж.

Ваквиот пресврт доаѓа откако вчера (17 април) и Иран и САД потврдија дека Ормускиот теснец е повторно отворен. Тој е витална рута за глобалниот пазар со нафта и гас и е затворен во неколкунеделната војна на САД и Израел против Иран.

Меѓутоа, отворањето траеше кратко. Иран се противи на американската блокада на иранските пристаништа. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека таа ќе остане додека не се постигне договор со Техеран, по што иранската страна се закани дека ако продолжи американската блокада на нивните пристаништа, тие повторно ќе го блокираат теснецот.