Акцискиот план за малцинствата е готов и неофицијално е усогласен со дваесет и шест земји членки на Европската Унија (ЕУ), кажа премиерот Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека само една држава се противи на документот.
„Акцискиот план за малцинства е готов, усогласен со експерт којшто го добивме од страна на Европската комисија. Експерт за човекови права. Имаше две јавни расправи, како ниту една држава што го има направено и, неофицијално ова го кажувам, е усогласен со дваесет и шест земји членки, освен со една. Исто како што таа една е против да бидеме и дел од иницијативата „Трите мориња“. Тоа е што е“, рече Мицкоски.
На прашање што конкретно се барањата на Бугарија, Мицкоски вели – кога би знаел, ќе дадев одговор.
Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и на англиски јазик од домашни и меѓународни експерти. Како што соопшти Владата, направен е во блиска консултација со Советот на Европа и Европската комисија и е документ што содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции, целосно усогласен со највисоките европски стандарди.
Во јануари премиерот Мицкоски изјави дека главната забелешка на Бугарија за Акцискиот план за малцинствата е што бил на македонски јазик.
„Ниту една земја членка нема против, ниту едно малцинство во Македонија нема против, бидејќи имаше јавна дебата. Е, проблем било што бил на македонски јазик. Простете, но мојот мајчин јазик е македонски, официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот, нема друг. Ако некому тоа му пречи, јас тука не можам да помогнам и жалам што тоа е така“, рече тогаш Мицкоски.
Освен Бугарија, како што рече тогаш, ниту една друга држава членка на Европската Унија немала забелешки за овој документ.
На изјавите на Мицкоски реагираше бугарското МНР, за, како што соопштија, „последните измислени тези од властите во Скопје што остро се разликуваат од суштината на европскиот консензус од 2022 година“.
„Потсетуваме дека Планот за правата на заедниците е чекор предвиден да следува по впишувањето на Бугарите во уставот, што сè уште претстои и што ќе им овозможи на нашите соседи да ги отворат пристапните преговори. Воедно, ги поздравуваме зборовите на премиерот Христијан Мицкоски дека „ќе ги прифати во Планот сите други забелешки“ на бугарската заедница и очекуваме тој да го исполни тоа ветување кон нив“, соопшти бугарското МНР.
Акцискиот план за малцинства е документ што е дел од обврските во евроинтегративниот процес и без кој, според домашни медиуми, не може да се отвори првиот кластер од преговорите со ЕУ.


