Избувна пожар на локацијата Кадидере над Штип, зафатени се викендици и куќи, објави штипскиот пожарникар Александар Ѓорѓиевски во видеа на социјалната мрежа Фејсбук од местото на пожарот.
„Хаварија ќе настане, страшно е. Потребна е помош од небо, авиони. Ветерот се движи кон непроодно место“, вели Ѓорѓиевски во видеата.
Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, потврди дека има повредено лице во пожарот, сопственик на викендица. Ангелов кажа и дека над местото веќе дејствува ер-трактор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУП) сооштија дека денеска во попладневните часови на бројот 112 е пријавена повторна појава на пожар на отворено во близина на Кадидере, каде што ноќеска беше изгаснат претходниот пожар.
Штипската противпожарна единица првично интервенирала со екипа од тројца пожарникари и едно противпожарно возило, а поради влошување на состојбата, во 15:20 часот на терен биле ангажирани вкупно 20 пожарникари и 4 противпожарни возила. Во гаснењето се вклучи и ДПД Штип со 4 возила и 12 членови.
„Од пожарот се зафатени сува трева и грмушки, а поради силниот ветер тој брзо се шири на тешко пристапен терен. Од пожарот се зафатени и неколку викендички. Поради влошување на состојбата, покрај екипите на ТППЕ Штип и ДПД Штип, повикани се и екипи од околните територијални противпожарни единици во регионот. Активиран е и авион на Дирекцијата за заштита и спасување, а преку ЕЛС е побарана дополнителна помош од соседните општини. Пожарот добива на интензитет, а сите расположливи локални единици се ангажирани на терен во обид да се стави под контрола огнената стихија“, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Апелирам до сите наши сограѓани одговорно да се однесуваат, ни следува сезона на пожари и сите треба сериозно да се однесуваме. Повредениот е во стабилна здравствена состојба, се надевам дека ова нема да ни се повтори“, рече Иван Јорданов, градоначалник на Штип, на вонредна прес-конференција попладнево.
Над Штип и вчера беснееше пожар што закануваше на неколку куќи и беше изгаснат од страна на пожарникарите и доброволците.
Пожарот го предизвика гром по што пламените јазици зафатија сува трева и грмушки. Според информациите од терен, од силниот ветар, огнот брзо се ширел кон ридовите Клисебаир и Кумлак и се доближил до првите куќи во населбата Кадидаре.
Нема повредени лица и не биле оштетени домови.
На вонредна прес-конференција околу полноќ, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, порача дека нема простор за паника бидејќи сите институции се мобилизирале.
Во акцијата учествуваа десетици пожарникари: 20 од штипската противпожарна единица кои излегоа на терен со четири возила, десетмина лица од доброволното друштво во Штип исто така со четири возила, како и шестмина пожарникари од Кочани и Свети Николе.


