Со авион на компанијата „Рајанер“ кој вчера полетал од Солун и требало да стигне до Меминген, се случил инцидент додека летал во македонскиот воздушен простор.
Сè уште е јасно која е причината за несреќата, а со оглед дека таа се случила над Македонија во истрагата се вклучени и од македонскиот Комитет за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.
Претседателот на ова тело, Марјан Прпоски, во изјава за државната агенција МИА наведе дека истрагата е во тек и тие се во постојана комуникација со Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (НТБС), а за сите дополнителни информации во врска со случајот навремено ќе ја информираат јавноста.
За инцидентот вчера информираа грчките медиуми пренесувајќи потресни сведоштва од патниците. Според нив, набргу по полетувањето од Солун, веројатно додека авионот летал над Скопје, се слушнал силен звук по што се скршил прозорец, а патникот што седел до него бил во опасност да излета од авионот, но со помош на сопатниците бил задржан.
Завладеала паника, додека пилот останал присебен и се обидел да ги смири патниците. Еден од патниците наводно е повремен и според неофицијални информации во прашање е турист кој е српски државјанин.
Дел од медиумите пишуваат дека причината за инцидентот е проблем со моторот односно се откачил дел од него и удрил во прозорецот.
Вакви детали, пак, не се споменуваат во официјалното соопштение што го издаде компанијата „Рајанер“. Оттаму изјавија дека авионот регуларно се вратил назад и слетал во Солун, а патниците биле вратени во терминалната зграда.
Од авиокомпанијата посочија дека авионот регуларно слетал во Солун и патниците биле вратени во терминалната зграда.
„Еден патник побара и доби медицинска помош по слетувањето во Солун. Со цел да се минимизира доцнењето, беше обезбеден заменски авион за превоз на патниците до Меминген, кој утрово полета од Солун во 9.35 часот по локално време“, наведоа од „Рајанер“ вчера.
Медиумите пишуваат дека, сепак, дел од патниците од стравот што го доживеале не се качиле во заменскиот авион.


