„Пола тело му беше надвор од авионот, го држев за нозе“ – потресно сведоштво за патникот од „Рајанер“

Објавено:

Љубиша Каровиќ е Србинот што вчера седел покрај прозорецот што се скрши во авионот на „Рајанер“ кој леташе од солунскиот аеродром во Грција, до Германија.

Инцидентот се случи во воздушниот простор на Македонија, па и земјава сега е вклучена во истрагата што се води.

Сопругата на Љубиша, Светлана Грковиќ, излезе со потресно сведоштво за српскиот медиум Нова.рс.

„Како да се скршил дел од моторот и да удрил во прозорецот до кој седеше мојот сопруг Љубиша. За среќа, беше врзан. Кога прозорецот се скрши, во кабината дојде до декомпресија. Притисокот го повлече Љубиша, за среќа беше врзан, но половина од неговото тело штрчеше од авионот. Веднаш реагирав и го зграпчив за нозете. Помислив: ’Ако умреме, ќе умреме заедно‘. Беше ужасно“, раскажува Србинката за Нова.рс.

Таа вели дека во помош да го спаси сопругот им пришле дел од патниците со кои заедно го држале за нозе по Љубиша.

Кога слетале на аеродромот во Солун, ги пречекала Брза помош, а Љубиша бил итно префрлен во солунската болница.

Што точно се случило за да дојде до инцидентот додека авионот бил над Македонија истрагата допрва треба да утврди. Претседателот на македонскиот Комитет за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, Марјан Прпоски изјави дека истрагата е во тек се во постојана комуникација со Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (НТБС), а за сите дополнителни информации во врска со случајот навремено ќе ја информираат јавноста.

Детали дали се откачил дел од моторот или нешто друго не се споменуваат воо официјалното соопштение што го издаде компанијата „Рајанер“. Оттаму изјавија дека авионот регуларно се вратил назад и слетал во Солун, а патниците биле вратени во терминалната зграда.

Грчките медиуми пишуваат дека, сепак, дел од патниците од стравот што го доживеале не се качиле во заменскиот авион.