Ресторани, јавни установи и сите други објекти во Гостивар кои работат со храна се должни да обезбедат техничка вода за да подготуваат храна или пијалаци или ќе бидат казнети, најави Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство(АХВ), од заедничката прес-конференција во Владата со министерот за животна средина, Мухамед Хоџа и директорката на Инспекторатот за животна средина, Ивана Гиновска.
Водата од Јавното претпријатие „Комуналец“ во Гостивар се уште е забранета за пиење. Јавното обвинителство синоќа соопшти дека во водата во Гостивар се пронајдени колиформни бактерии, 48 пати над дозволените граници, поради што покрена истрага против директорката на ЈП „КОмуналец“ и против уште двајца раководители за тешки дела против животната средина и природата.
„Денеска се спроведуваат зголемени инспекциски контроли над сите оператори со храна во гостиварско. Целта е да се утврди изворот на загаденост, степенот и обемот на загаденоста. Инспектори од АХВ се на терен и работат 24 часа. Самите ресторани мора да имаат техничка вода. Ако нешто што доаѓа во контакт со храна, како приборот, дојде во контакт со вода која е забранета за употреба, ќе бидат казнети“, рече Миланов.
Агенцијата за храна на 16 јули земала четири мостри за лабораториско тестирање. Вчера се земени дополнителни мостри од повеќе места, вклучително и од јавни установи, градински, угостителски објекти, јавни чешми пред црква и пред џамија.
Конечните резултати од анализите треба да ги објави Институтот за јавно здравје.
При контролата извршена на 16 јули во село Вруток, во координација со Министерството за животна средина, Обвинителството и МВР, било утврдено дека без одобрение биле поставени пумпи преку кои вода од реката Вардар директно се внесувала во водоснабдителниот систем.
Дивиот приклучок, според Гиновска, бил поставен на 800-900 метри од заштитната зона на главниот цевковод кој ја снабдува општина Гостивар со вода.
Министерот за животна средина оцени дека случајот со загадувањето на водоводната мрежа во Гостивар е сериозен инцидент кој го загрози здравјето на илјадници граѓани и уверува дека Владата ги презема сите мерки во рамки на своите надлежности за да се расчисти случајот.
„Сакам јасно да кажам дека очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и да се утврди и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле за оваа состојба. Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста“, рече Хоџа.
Тој кажа дека снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и на јавните комунални претпријатија, кои треба да се грижат и за безбедно функционирање на овие системи и за воспоставување и заштита на санитарните заштитни зони околу водните извори.
Анализите покажаа дека водата земена од каналот со површинска вода содржат екстремно повеќе бактерии од дозволеното, и тоа 2.419,6 бактерии на секои 100 мл ( мала чаша со вода), наспроти дозволени 50. Тоа е 48 пати над границата. Институтот вели дека оваа вода воопшто не смее да се користи за ништо. Станува збор за колиформни бактерии кои најчесто живеат во цревата на луѓето и топлокрвните животни, и нивни претставник е Ешерихиа коли (Escherichia coli).
Министерот за здравство, Сашо Клековски, вчера кажа дека вкупно 3100 луѓе во изминативе пет дена побарале лекарска помош поради стомачни тегоби предизвикани од загадената вода. Четири лица беа хоспитализирани, но веќе се пуштени на домашно лекување.
Според обвинителството, тројца вработени во „Комуналец” – в.д. директорката, техничкиот раководител и раководителот на водоводниот сектор на 25 јуни им наредиле на вработените да се стават пумпи во тој истиот загаден канал, за да “тестираат притисок”. Проблемот е што при контрола три недели подоцна, пумпите сè уште работеле и си ја препумпувале загадената вода директно во системот за пиење на градот.
Приведени се директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“, Артана Асани, и двајца нејзини соработници, техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот на Водоводот, Вадедин Дервиши.
„На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем“, соопшти Обвинителството.
Директорката на „Комуналец“, Асани, набрзо откако се дозна во јавноста дека пумпи се можен причинител на загадувањето на водата, во изјави за само неколку медиуми, тврдеше дека зголемениот број на заболени лица во Гостивар не е поради загадената вода. Таа ги негираше сомнежите на надлежните институции кои ја забранија водата за пиење во Гостивар поради сомневање дека е загадена и е извор на епидемијата која се шири во градот. Асани велеше дека „меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“ и според неа причина за заболувањата граѓаните можеби била храната што ја јаделе или високите температури.


