Штета и предавства кон државата нема да правам, порача Мицкоски од Пелинце

Објавено:

Илинден е завет и карактер, најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, напаѓани, предавани, потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава туку во срцето на еден народ. Ова денеска го порача премиерот, Христијан Мицкоски во своето обраќање од Пелинце, по повод одбележувањето на празникот 2 Август, Илинден – Денот на Републиката додавајќи дека во Крушево се родила идејата оти „слободата вреди повеќе од животот“.

„Затоа, кога денес ги спомнуваме Илинденците, кога се поклонуваме пред делото на државотворците од АСНОМ, не го правиме тоа само од почит кон минатото туку затоа што сакаме да си поставиме едно исклучително важно прашање-   дали сме достојни наследници на нивната жртва и дали доволно храбро ја носиме одговорноста што тие ни ја оставија“, истакна премиерот.

Во својот говор, тој меѓу другото порача дека „историјата не бара од нас да ги повторуваме нивните чекори, туку да ја покажеме нивната храброст затоа што секоја генерација има свој Илинден“.

Тој истакна дека „некои генерации се бореле против империи, некои пак, се бореле за држава“.

Некои  генерации, додаде тој, ја бранеле слободата со оружје, а нашата генерација има поинаква, но не помалку тешка задача да ја зачува државата силна, да ја направи просперитетна, праведна.

Во говорот, Мицкоски се осврна и на политичките односи, но и на патот кон Европската унија.

Тој рече дека пред неколку години граѓаните биле „мајоризирани пред налетот на разноразни интереси на политички елити“.

„Денес тие се длабоко во опозиција. Фотелјите на власт тие ги држеа не со поддршка од народот туку со отстапки кои ги правеа. Горчливиот пелин од тие отстапки го чувствуваме и денес и да бидеме реални, нема Македонец кој со чувство на тегоби не се потсетува на таквите одлуки. Она што ме загрижува е што наместо да имаме натпревар со идеи концепти и предлози се создава блато составено од многу омраза, ширење на епидемија од дефитизам како супститут на квалитетната понуда“, посочи премиерот.

„На секој успех се гледа како со недоверба, на секој наша потешкотија или борба се гледа нивната радост и навивање да не успееме“, нагласи Мицкоски додавајќи дека „нема да се откажат од борбата да ја направат Македонија подобро место за живеење“.

Говорејќи од Пелинце, тој истакна и дека нема да прифати однесување на отстпаки кон прашања кои го блокираат патот кон ЕУ:

„Јас предавства на штета на народот и државата како што тоа се правеше во минатотото по ниту една цена нема да направам. Ве молам, не паѓајте во замката на талогот кој тие го создаваат. Не им верувајте, на тој талог на неуспеси, цинизам и мразење на се’ што е успешно. Нашата генерација има обврска да се избори за нешто што е подеднакво важно, да ја сочува душата, да ја врати вербата во институциите, достоинството на чесниот човек и надежта да ја направи најсилната движечка сила на нашето општество“, додаде Мицкоски.

Според него, денес „не се води само политичка битка, не се води само економска битка, битка за нови инвестиции и повисоки плати, подобри училишта, модерни болници или нови патишта“, иако како што рече, сето тоа е неопходн.

„Денес се води многу подлабока битка, битка за човековиот дух, за тоа дали ќе дозволиме стравот да стане посилен од надежта, цинизмот да стане погласен од чесноста. Име нешто што е поопасно до сиромаштијата, од секоја економска криза, тоа е моментот кога еден народ ќе престане да верува во себе, да мисли дека секој обид е однапред осуден на неуспех, кога ќе почне да го прифаќа поразот како нормална состојба. Тоа е најопасниот отров што може да влезе во едно општество“, истакна претседателот на Владата.

Понатаму, тој обвини дека таквиот „отров го шират една иста група на луѓе кои како што рече, за разлика од напатениот народ секој викенд се на јахти и договараат и се нудат за нови отстапки“.

„Тоа е отров кој не се гледа, но тивко ја убива волјата да се остане. Ја убива надежта, а народ без надеж никогаш не може да биде голем нашата најголема задача не е само да управуваме со институциите, да изградиме доверба и чувство дека оваа држава му припаѓа на народот. Затоа кога велиме непокор не мислиме само на непокорот на револуционерите од 1903 година, мислиме и на непокорот против ваквите луѓе создавачи на тој талог, непокор против криминалот и неправдата“, изјави Мицкоски.

На крајот од говорот, порача дека „вистинскиот непријател на секоја држава не е само оној што ја напаѓа само однадвор, вистинскиот непријател е секој што одвнатре ја разорува довербата меѓу луѓето, што ја поттикнува омразата, што шири чувство дека ништо нема вредност и секој успех однапред треба да биде омаловажен“.

„Нема да дозволиме нашите деца да растат слушајќи дека единствениот успех е да заминеш. Ниту еден народ не изградил силна држава така што секој ден си повторувал дека ништо не вреди“, истакна Мицкоски обраќајќи се од Пелинце.