Уставниот суд упатува остри критики кон „обидите за груба партизација и политизација“ која деновиве одредени политички партии се обидуваат да ја наметнат со цел да ја зголемат сопствената визибилност на политичкиот простор, користејќи ги работата, одлуките, како и меѓународните активности на Судот, се вели во соопштението од Судот.
Станува збор за одлуки поврзани со преименување на улици во одредени општини и за меѓупартиски пресметки околу меѓународната соработка на Уставниот суд.
„За Судот нема никаква релевантност какви и кои се имињата на улици, школи, инфраструктурни објекти и слично. Тоа се политички одлуки кои ние не ги цениме, но она што е важно за Судот и за граѓаните е дали тие одлуки се донесени во законски пропишана постапка“, пишува во соопштението.
Понатаму, Уставниот суд вели дека „оваа година, како и претходно, Уставниот суд интензивно работи на афирмирање на својата меѓународна позиција“, при што има склучено три Меморандуми за соработка и разбирање со сродни институции, односно со Уставниот суд на Република Косово, со Врховниот Уставен суд на Арапската Република Египет и пред два дена, со Уставниот суд на Република Србија. Дополнително, на Судот му е доверено да претседава оваа година со Балканскиот форум на уставни судови и да го претставува на значајни меѓународни настани.
Од Уставниот суд апелираат до политичките фактори да покажат поголема уставна и политичка култура и да работат во интерес на државата и граѓаните, а „политичките разлики и партиските конфронтации да не се водат на грбот на владеењето на правото и на институциите кои се најповикани да го штитат уставниот поредок“.
Уставниот суд на 17 јуни 2026 година ја укина одлуката на Општина Тетово од 2007 година, кога градоначалник беше Хазби Лика од ДУИ, за преименување на улиците и плоштадите, со што во градот се враќаат старите имиња. Судот утврди дека општинската одлука е неуставна бидејќи била донесена без законски задолжителната согласност од Владата.
Поради одлуката на Уставниот суд, во Тетово вчера се одржа протестен марш по градските улици, по повик на опозициската ДУИ. Владејачката партија ВРЕДИ, пак, се изјасни против насилно менување на имињата на улиците на Тетово и го поддржа укинувањето на таа одлука.


