Скопје денеска ја одбележува 63-годишнина од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога животот го загубија 1.070 луѓе, а 3.000 беа повредени. Катастрофалниот потрес се случи во 5:17 часот, а во следниот половина час имаше низа помали потреси. Беа урнати 15.800, а оштетени 28.000 домови, при што над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.
По трагедијата на Скопје, Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат достава на храна, а Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарни организации од многу земји се вклучија во собирањето помош за Скопје.
На 23 септември 1963 година, 35 земји побараа Генералното собрание на дневен ред да стави точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје по што на 27 септември, Генералното собрание даде приоритет на меѓународна акција за помош на Скопје.
На 14 октомври, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската Влада при реконструкцијата на Скопје. Во дебатата, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.
Бројни манифестации за почит за загинатите
Скопје денеска со повеќе активности и манифестации ќе ја одбележи годишнината од оваа трагедија.
Во рамки на одбележувањето, делегација на Собранието, во 10 часот ќе положи венец со цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на гробиштата во Бутел.
Во исто време, цвеќе ќе положат и претставници на Град Скопје, во рамки на централното комеморативно чествување посветено на жртвите од трагедијата.
Вечерната програма ќе започне во 19.30 часот во Музејот на град Скопје со отворање на изложбата „63 години – Скопје ‘63“, на Зоја Богдановска, кустос советник и историчар. Поставката преку автентични фотографии и архивски материјали ги прикажува првите часови по земјотресот, сведоштвата на преживеаните и напорите за спасување, ставајќи ги во фокус човечките приказни и емоции од денот што засекогаш го промени градот. Изложбата ќе стане дел од новата постојана поставка во музејот.

Во 20.30 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, составена од досега неприкажани фотографии на Васил Хаџиманов од погребните и тажачките обреди по земјотресот.
Настанот ќе биде проследен со промоција на дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ на Ана Мартиноска и Жарко Иванов.
Одбележувањето ќе заврши со концертот „Скопје радост моја“, посветен на легендарните шлагери на Драган Мијалковски, кој ќе се одржи од 21 часот кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк.
Три фатални земјотреси за градот
Скопскиот земјотрес во 1963 година е познат како една од најголемите трагедии кои се случиле во историјата на градот, но и како трагедија која го обединила целиот свет во хуманост и сочувство, давајќи му го на епитетот Скопје – град на хуманоста.
Низ историјата, уште од античко време, се бележат уште два силни потреси. Античко Скупи, кој бил на локацијата меѓу Злокуќани и Бардовци, во 518 година бил целосно разурнат од земјотрессо јачината од 10-11 степени.
Поради тоа новиот град бил подигнат на местото на денешно Скопје.
Следниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година, со јачина од околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последен во таа низа беше земјотресот на денешен ден во 1963 година, потрес за кој денес сведочат Музејот на Град Скопје, часовникот на старата железничка станица, засекогаш запрен на 5:17 и традицијата секоја година на градските гробишта Бутел да се положува цвеќе на паметникот, во спомен на загубените животи во катастрофата.



