Онлајн вознемирувањето не завршува со исклучување на телефонот. Заканите, уцените и споделувањето интимни фотографии без согласност можат да го претворат секојдневието во страв. А обидот да се побара заштита од институциите – да отвори нова борба со системот.
Стотици жени, но и млади и ученици во земјава се соочуваат со онлајн вознемирување од познати и непознати лица. Како што пристапот до интернет достигна до околу 95 отсто од населението на возраст од 15 до 75 години, така и насилството ја менува својата форма – веќе не е само физичко, туку демне и од дигиталниот простор, од пораките од компјутер и од телефон.
Според анализа на УНДП, дури 61 отсто жени во Македонија во текот на својот живот барем еднаш се соочиле со родово базирано насилство преку интернет, а 79 отсто од нив воопшто не го пријавиле. Според УНИЦЕФ, пак околу 12.000 деца во Македонија биле подложени на технологија-олеснета сексуална експлоатација и вознемирување во рок од само една година.
Иако онлајн вознемирувањето станува сериозен социјален проблем, многу жртви го премолчуваат и не го пријавуваат. Некои од нив се обидуваат да побараат заштита од системот, но се повлекуваат во текот на постапката од срам или кога системот нема да ги препознае жртви.
Преку оваа интерактивна приказна ќе видите каде може да пријавите онлајн вознемирување, на какви институционални сопки може да наидете и до какви различни исходи може да доведе постапката.
На гејмификацијата на сторијата работеа новинарите Сунчица Стојановска Зоксимовска и Александар Самарџиски, со техничка изведба и поддршка од Дејан Балаловски.


