Ученичка од шесто одделение од скопско основно училиште била физички малтретирана од три повозрасни девојчиња и како последица на тортурата, сега добива стручна помош, јавува Вечер прес. Шестодделенката била жртва на врсничко насилство, во кое била физички нападната, гаселе цигари од нејзиното тело, ја понижувале и присилиле во локалниот парк да јаде кучешки измет.
Инцидентот го потврди Министерство за внатрешни работи (МВР), во чиј билтен се посочува дека на 27 април се работи на прибирање на докази.
„Во моментов се работи на целосно документирање на настаните, преку повикување и разговор со повеќе инволвирани малолетнички (во придружба на нивни родители) и собирање на други материјални докази во насока на расчистување на случајот“, велат од МВР.
Од полицијата информираат дека се пријавени два одвоени инциденти во кои малолетното девојче било физички нападнато од соученички од истото училиште. Дополнително насилството врз неа било снимено со мобилен телефон. Со тоа, насилството не завршува со физичкиот чин, туку продолжува преку споделувањето на снимките.
Министерката за образование Весна Јаневска бара поддршка од родителите затоа што вели, институциите не можат сами да се справат со ваквите појави.
„Сите ние одговорни институции можеме да правиме се така како што треба, ако немаме помош од родителите не можеме да имаме успех колку и големи напори да направиме. Секако ќе има одреден процент но клучна улога покрај училиштето и стручната служба имаат и родителите. Сега имаме иницијатива повторно за еден проект да пробаме да се справиме со семејното насилство затоа што најчесто овие агресори се резултати на нешто што е случува дома. Апел да дадам да внимаваат и повеќе време да поминуваат со своите деца“, одговори на новинарско прашање министерката за образовани Весна Јаневска.
Психолозите предупредуваат дека ваквите случаи оставаат длабоки и долгорочни последици врз менталното здравје на децата.
„Овој случај не смее да се гледа како детска тепачка, туку како сериозно насилство со потенцијално долготрајни последици врз менталното здравје на детето. Реакцијата на институциите и на заедницата треба да биде брза, одлучна и заштитничка“, вели професорката д-р Мирјана Јовановска-Стојановска за Вечер.
Минатата година, МВР регистрираше над 90 инциденти поврзани со врсничко насилство од кои над 60 се физички напади. Минтерството за образование и наука во 2023 година отвори електронската адреса за пријавување врсничко насилство, откако во соседна Србија ученик пукаше и уби соученици и чувар во школо во Белград.


