Само осум од 29-те европски земји ги зголемиле своите бруто минимални плати од јануари годинава до јули, додека инфлацијата во еврозоната во истиот период изнесувала 3,2 проценти, покажуваат најновите податоци на Евростат за втората половина од 2026 година.
Според „Јуроњуз“, кој го пренесува статистичкиот извештај, рангирањето на земјите според минималната плата значително се менува кога се зема предвид реалната куповна моќ.
Во јули 2026 година, Луксембург имаше највисока бруто минимална плата во Европа со 2.771 евра. Потоа следат Ирска (2.391 евра), Германија (2.343 евра), Холандија (2.338 евра) и Белгија (2.234 евра), формирајќи група од пет земји со минимална плата над 2.000 евра. Франција е блиску до оваа група со 1.867 евра.
Кога платите се изразуваат во стандарди на куповна моќ (PPS), кои мерат што жителите на една земја всушност можат да си дозволат, разликите меѓу земјите стануваат помали, а рангирањето значително се менува. PPS е вештачка единица што овозможува пофер споредба на трошоците за живот.
Бугарите „најслаби“ во ЕУ
Во средната категорија, со плати помеѓу 1000 и 2000 евра, има девет земји, вклучувајќи ја Хрватска со 1050 евра. Исто така, тука се и Словенија (1482 евра), Шпанија (1425 евра), Литванија (1153 евра), Полска (1119 евра), Кипар (1088 евра) и Грција и Португалија со по 1073 евра.
Повеќе од половина од набљудуваните земји, 15 од нив, имаат бруто минимална плата помала од 1000 евра. Најниска е во Украина (169 евра) и Молдавија (313 евра). Во рамките на Европската унија, Бугарија има најниска минимална плата (620 евра), но четири земји-кандидатки имаат поголем износ: Турција (621 евра), Северна Македонија (624 евра), Црна Гора (670 евра) и Србија (743 евра).
Според оваа мерка, Германија е на прво место со 2164 PPS. По неа следат Луксембург (2108), Холандија (2023), Белгија (1922) и Ирска (1756). Франција, Словенија, Шпанија и Полска исто така имаат минимална плата над 1500 PPS. На дното на рангирањето во рамките на ЕУ се Естонија (935 PPS) и Латвија (938 PPS).

Каде е Македонија?
Анализата покажува дека некои земји-кандидатки ги претекнуваат членките на ЕУ во однос на куповната моќ. Северна Македонија (1142 PPS) и Србија (1094 PPS) имаат повисок минимум по PPS (Стандардот на куповна моќ) од седум земји-членки, вклучувајќи ги Малта, Словачка, Унгарија и Чешка.
Во Македонија минималната нето плата изнесува околу 26.046 денари, што ја става земјата при самиот крај на европската скала. Во споредба со соседството, Словенија е недостижна со над 1.250 евра бруто минималец, додека Хрватска и Црна Гора имаат значително повисоки загарантирани примања.
Сепак, според стандардите за куповна моќ (PSS), најголем напредок бележат Македонија и Романија кај кои е забележан скок за осум места по што следи Србија која има напредок од пет места.
Според овој параметар, Македонија е држава која е рангирана пред седум земји членки на Европската унија. Според овој показател, Македонија со 1.142 единици на куповна моќ се рангира пред Малта, Словачка, Унгарија и Чешка.
„Кога се споредуваат рангирањата во номинални услови и PPS низ 27-те земји, најголемите победници се Романија и Северна Македонија. Романија се искачува од 20-то на 12-то место, додека Северна Македонија се искачува од 24-то на 16-то место, при што обете напредуваат за осум места. Србија напредува за пет места, Хрватска и Бугарија за три места. Најголем губитник е Естонија, која паѓа од 16-то на 26-то место, додека Латвија, Чешка и Кипар исто така губат четири места“, велат од Евростат.
Од друга страна, најголем пад забележа Естонија, која падна од 16-то на 26-то место. Латвија, Чешка и Кипар паднаа за четири места. Пет земји-членки на ЕУ немаат законски пропишана национална минимална плата. Тоа се Италија, Данска, Шведска, Австрија и Финска.
Од јануари до јули 2026 година, само осум од 29-те земји што беа набљудувани ја зголемија минималната плата. Најголеми зголемувања беа забележани во Северна Македонија (6,9%), Романија (6,8%) и Естонија (6,8%). По нив следуваат Белгија (5,8%), Грција (4,5%), Луксембург (2,5%), Франција (2,4%) и Холандија (1,9%). Во другите земји, износите останаа непроменети.
Македонската синдикалната кошница за јули беше 68.498 денари
На едно четиричлено семејство во Македонија во јули му се потребни 68.498 денари само за да ги покрие основните месечни потреби, покажува новата пресметка на синдикалната минимална кошница што ја прави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Доколку семејството нема сопствен дом и плаќа кирија за стан од 60 квадратни метри, потребниот износ се зголемува на 83.873 денари.
Кошницата во јули е пониска за 156 денари во споредба со јуни. Намалувањето е статистички регистрирано, но практично незабележливо за семејствата што секој месец треба да обезбедат речиси 70.000 денари за храна, домување, облека, превоз, образование, здравје и други основни потреби.
Пресметката на ССМ се однесува на четиричлено семејство без автомобил, што значи дека во сумата не се вклучени купување возило, гориво, регистрација, осигурување, сервисирање и поправки.
Најголемата ставка и натаму е храната. За храна и безалкохолни пијалаци во јули се потребни 25.012 денари, односно 36,5 проценти од вкупната кошница. Повеќе од секој трет денар во основниот семеен буџет завршува во маркетите и продавниците за прехранбени производи.
За образование се пресметани 7.192 денари, за облека и обувки 6.511 денари, а за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.379 денари. Оваа ставка не ја вклучува дополнителната кирија што ја плаќаат семејствата без сопствен стан.
За рекреација и култура се потребни 5.592 денари, за транспорт 5.041 денар, за ресторани и хотели 4.131 денар, а за комуникации 3.677 денари. Личната хигиена и одржувањето на домот чинат 2.667 денари, здравствените потреби 1.196 денари, а останатите стоки и услуги уште 1.100 денари.
Разликата меѓу трошоците и најниските примања ја покажува реалната тежина на кошницата. Минималната нето-плата во 2026 година изнесува 26.046 денари, што значи дека една минимална плата покрива помалку од 40 проценти од основните потреби на четиричлено семејство.



