Епидемиолошката состојба во Гостивар е стабилна, водата сѐ уште небезбедна за пиење

Објавено:

Епидемиолошката состојба во Гостивар останува стабилна и континуирано се следи од надлежните здравствени институции, информира денеска Министерството за здравство.

„Вчера се регистрирани вкупно 84 први прегледи, што е за 27 повеќе во споредба со претходниот ден, кога беа евидентирани 57 прегледи“, соопштија од ресорното министерство.

Оттаму додаваат дека и покрај дневното зголемување, бројот на прегледи останува значително понизок во однос на пикот од 18 јули, кога беа регистрирани вкупно 649 прегледи. 

Во меѓувреме водата во Гостивар и натаму не е безбедна за пиење. Таа може да се користи само за техничка употреба, а анализите на водата од градскиот водовод продолжуваат да се изработуваат и да се следат резултатите.

 За потребите на Гостивар денеска биле ангажирани три цистерни со питка и техничка вода, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Ангелов повтори дека нема промени со состојбата во Гостивар, односно водата сѐ уште не е за пиење бидејќи во некои од примероците земени од Институтот за јавно здравје сѐ уште има бактерии. Според него, водата и понатаму е дозволена само за техничка употреба, но набргу очекува да биде прогласена за исправна, додека хиперхлорирањето продолжува и во следниот период.

Епидемијата во Гостивар започна кон средината на јули, кога илјадници граѓани побараа медицинска помош поради симптоми на труење – дијареја, повраќање и дехидратација. Причината беше контаминирана вода од градскиот водовод, загадена со фекални материи и колиформни бактерии, што доведе до прогласување епидемија на 19 јули и прогласување на 30 дневна кризна состојба.

Поради случајот, директорката на јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар и уште двајца раководители се во притвор.