Пожарот кај Кавадарци повторно се разгоре, под контрола се десет помали

Објавено:

Пожарот во атарот на кавадаречкото село Раовец, кој беше активен и во текот на вчерашниот ден и ноќта, денеска повторно се реактивираше со голем интензитет, а во неговото гаснење се вклучени воздушни и копнени сили, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Тој додаде дека огнот се проширил кон тешко пристапен терен во близина на Тиквешкото Езеро, поради што веднаш биле ангажирани два „ер трактори“, а поради сериозноста на состојбата во акцијата се приклучуваат и еден полициски и еден армиски хеликоптер.

„Тешко дека овој пожар ќе биде ставен под контрола во текот на денешниот ден, па дури и во текот на ноќта. За жал, пожарот е злонамерно предизвикан. Најверојатно, полицијата веќе го има приведено сторителот кој го предизвикал пожарот“, изјави Ангелов.

Ангелов посочи дека истовремено бил запален оган на пет различни локации, што придонело пожарот да зафати голема површина и да се формира широка пожарна линија.

Инаку во текот на денешниот ден досега се регистрирани повеќе од десет пожари. Сите се со помал обем.

„Пожарникарите ги држат под контрола, иако некои од нив имаат капацитет да се прошират, па постои можност да останат активни и во текот на ноќта“, предупреди Ангелов и додаде дека високите температури и засилениот ветер дополнително го отежнуваат гаснењето.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека екипите се на терен и се прават максимални напори за пожарот што побрзо да биде ставен под контрола и да се спречи неговото понатамошно ширење. 

„Во гаснењето учествуваат четири пинцгауери, два унимога, камион на Шумското стопанство, два џипа и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, а од 18:00 часот во акцијата ќе се вклучат и два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи и Армијата“, објави на Фејсбук, градоначалникот Јанчев.

На терен дејствуваат и екипи на Територијалната противпожарна единица, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција и Шумското стопанство – Кавадарци.