Видео: Во Драч приведени двајца членови на скопската криминална група Беланоца

Објавено:

Во координирана меѓународна полициска акција, спроведена од Македонската полиција, Американската дипломатска безбедносна служба (ДСС) и албанските безбедносни органи, во албанскиот град Драч се уапсени двајца припадници на организираната криминална група Беланоца, по кои биле распишани меѓународни потерници, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Врз основа на информација од Македонската полиција, во Драч, Р. Албанија, спроведена е меѓународна полициска операција во која лишени од слобода се М.Џ.(26), роден во Скопје и С.Н.(34), роден во Норвешка, двајцата припадници на организираната криминална група „Беланоца“, за кои Интерпол има издадено меѓународни потерници за сторени кривични дела „убиство“, „убиство во обид“, „тешка телесна повреда“, „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „злосторничко здружување“, соопшти МВР.

Оттаму велат дека при апсењето кај двајцата биле пронајдени фалсификувани лични документи, за кои постои сомнение дека ги користеле за да ја напуштат Македонија и да ја избегнат правдата.

Акцијата, како што наведуваат од Министерството, е резултат на повеќемесечна соработка меѓу Македонската полиција, Американската дипломатска безбедносна служба (ДСС) и безбедносните органи на Албанија.

Криминалната група Беланоца е предмет на поголем број истраги на македонската полиција, а нејзини членови се на потерниците на македонското МВР. Таа се поврзува со балканскиот и локалниот нарко-пазар и со неколку помали и поголеми инциденти во Скопје и регионот.