Алиу: Странска комисија утврди сомнителни наоди кај 9 пациенти во случајот „Непотребни кардиолошки операции“

Објавено:

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска на прес-конференцијам ги објави резултатите од странската комисија која ги анализираше сомнежите за можни непотребни кардиолошки и кардиохируршки интервенции во приватни болници, направени за финансиска добивка.

Според Алиу, биле анализирани вкупно 13 предмети.

„Од вкупно анализирани 13 предмети, поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај четири пациенти констатираше дека обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса“, рече Алиу.

Но, кај останатите девет случаи, според министерот, странските експерти утврдиле сомнителни наоди во документацијата и дијагностичката евалуација.

„Кај останатите девет пациенти, според странските експерти, документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, на пример несогласување меѓу ангиографски наоди од коронарографијата и писмениот извештај, по што следувала несоодветна индикација за процедурите, било ендоваскуларни или хируршки“, кажа министерот Алиу.

Како пример, рече Алиу, биле посочени несогласувања меѓу ангиографските наоди од коронографијата и писмените извештаи, по што следувале несоодветни индикации за ендоваскуларни или хируршки процедури. Тој најави дека предметите ќе бидат доставени до Владата, како и до Јавното обвинителство и останатите надлежни институции.

Станува збор за случаи од неколку приватни и државни клиники и болници во земјата. Случајот првично го отвори кардиологот Сашко Кедев, кој пред повеќе месеци јавно посочи за „можни неправилности во дел од третманите и интервенциите“.