Соединетите американски држави го запреа распоредувањето на повеќе од 4.000 американски војници во Европа. Потегот, што изненади добар дел од воените претставници, доаѓа директно од Пентагон, пренесе ДПА.
Одлука била соопштена на состанок на претставници на американската армија со претставници на Европската команда на американската војска (EUCOM). Станува збор за војници што требаше да бидат распоредени во Полска во рамки на планирана деветмесечна ротација, објави „Вол стрит журнал“.
Американската армија уште во март соопшти дека бригадата ќе замени други сили како дел од редовна ротација. Според американскиот весник, дел од опремата и персоналот веќе биле на пат за Европа, така што одредени армиски претставници биле затекнати од новата одлука.
Весникот, повикувајќи се на повеќе извори од Пентагон, наведува дека EUCOM препорачал да не се заменуваат повеќе од четири илјади војници по завршувањето на нивната ротациска мисија, но не побарал итно укинување на распоредувањето.
Специјализираниот портал „Task and Purpose“ објави дека војниците требало главно да соработуваат со партнерските сили во Полска во рамки на операцијата „Атлантик ризолв“, американска мисија започната во 2014 година по руската анексија на Крим, со цел поддршка на сојузниците на НАТО во Европа.
Пред околу две недели откако државниот секретар за одбрана, Пит Хегсет, нареди повлекување на околу пет илјади американски војници од Германија, по што Полска повторно изрази подготвеност да прими дополнителни американски сили.
Според изјава на полскиот претседател, Карол Навроцки, во моментов во Полска се стационирани речиси десет илјади американски војници, од кои најголем дел редовно ротираат меѓу американските бази низ Европа.


