ФБИ врши претрес во домот на напаѓачот на вечерата на која присуствуваше Трамп

Објавено:

Агенти на ФБИ вршат претрес во куќа во Торенс, предградие на Лос Анџелес, поврзана со осомничениот вооружен напаѓач Кол Ален кој упадна на вечера во хотел со новинари–дописници од Белата куќа на која присуствуваше американскиот претседател Доналд Трамп. Полициска лента беше поставена по дел од улицата, а куќата беше осветлена со рефлектори. На местото на настанот беа собрани голем број новинари, а над нив летаа новинарски хеликоптери.

Напаѓачот е идентификуван како 31-годишниот наставник Кол Томас Ален од Торенс, Калифорнија, за кого властите кажаа дека бил меѓу гостите на настанот. Неговата биографија објавена на социјалната платформа Линкед Ин покажува дека осомничениот Ален работел како наставник со скратено работно време во „C2 Education“, компанија за подготовка за тестови и подучување. Компанијата го именувала Ален за „наставник на месецот“ во компанијата во декември 2024 година, според објавите на компанијата на социјалните мрежи.

Не беше веднаш јасно дали Трамп бил цел на нападот во хотелот, иако тој им рече на новинарите дека верува дека е. Тој пукал со сашмарка во припадник на Тајната служба во лобито, по што бил совладан и уапсен, додека Трамп и останатите високи функционери итно беа евакуирани.

Началникот на полицијата во Вашингтон, Џефри Керол, изјави дека осомничениот бил вооружен со пушка-сачмарка, пиштол и повеќе ножеви. Тој бил однесен во локалната болница за да биде прегледан, но прерано е да се каже која била неговата мотивација, рече Керол.

Фокус на истрагата веројатно ќе биде како вооружениот човек успеал да ја прошверцува пушката во хотелот, кој е домаќин на годишната вечера на Здружението на дописници од Белата куќа, што е важен дел од социјалниот календар на Вашингтон, јавува новинската агенција Ројтерс.

На настанот присуствуваа многу членови на кабинетот на Трамп и други високи функционери на администрацијата, под силно обезбедување. Тоа беше прв пат Трамп да присуствува на настанот како претседател, откако го бојкотираше во претходните години.

Потоа, Трамп им се обрати на новинарите, од кои многумина сè уште во вечерна облека, на вонредна прес-конференција доцна во ноќта во салата за брифинзи во Белата куќа, придружуван од членови на неговиот кабинет и потпретседателот Џеј Ди Венс. Трамп заклучи дека осомничениот напаѓач Ален веројатно делувал сам и го опиша како болна личност.

„Нема да дозволиме никој да го преземе нашето општество. Нема да откажуваме работи затоа што не можеме да го направиме тоа“, кажа Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа.

„Не верувам дека инцидентот е поврзан со војната во Иран, но јасно ми е дека моите акции против Иран би можеле да ме направат мета. Ништо нема да ме спречи да ја добијам војната“, кажа Трамп, 

Овој инцидент се случи во хотелот „Ваингтон Хилтон“. Станува збор за истиот хотел во кој пред 45 години друг актуелен претседател на САД речиси го загуби животот. Во обид за атентат, Роналд Реган беше застрелан од Џон Хинкли Џуниор додека го напушташе хотелот на 30 март 1981 година. Реган беше сериозно повреден од прострелна рана во белите дробови, која му предизвика сериозно внатрешно крварење. Хинкли, мина повеќе од 35 години во психијатриска клиника.