Тајната служба го евакуираше Трамп од вечера со новинари, уапсен вооружен маж

Објавено:

Агенти на Тајната служба на САД молскавично ги евакуираа претседателот Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп од вечера во хотел со новинари – дописници од Белата куќа откако се слушнал гласен, неидентификуван шум.

Повеќе американски медиуми објави дека имало пријава за вооружен маж.

Агентите веднаш ги изнесоа Трамп и првата дама преку излезите зад подиумот на кој беше поставена нивната маса.

Евакуирани биле и потпретседателот Џеј Ди Венс и други членови на администрацијата.

Сите се на безбедно, а американскиот претседател се огласи преку неговата социјална мрежа „Трут сошл“ наведувајќи дека „напаѓачот“ е уапсен.

„Имавме одлична вечер во Вашингтон. Тајната служба и органите за спроведување на законот завршија фантастична работа. Дејствуваа брзо и храбро. Напаѓачот е уапсен и јас препорачав да ’продолжиме со шоуто‘, но ќе одлучат органите за спроведување на законот. Тие наскоро ќе донесат одлука. Без оглед на одлуката, вечерата ќе биде многу поинаква од планираното и ќе треба да го направи тоа повторно“, напиша Трамп.

Тој и останатите членови на кабинетот се враќаат во Белата куќа од каде се очекува да одржи прес-конференција.

На настанот, имало околу 2.600 присутни. Гостите почнале да паничат, да се кријат под масите, келнерите бегале. Дел од новинарите излегоа со сведочења за атмосферата.

„Сите бевме на вечерата, а потоа одеднаш претпоставувам дека имаше звук, јас не го слушнав. Тајната служба трчаше по овој ходник. Луѓето се криеја под масите и беа многу вознемирени и загрижени“, вели Џејк Тапер од Си-ен-ен, кој бил на вечерата.

Неговиот колега, исто така од Си-ен-ен, Волф Блицер, рече дека го видел вооружениот маж во негова непосредба близина.

Овој инцидент се случи во хотелот „Ваингтон Хилтон“. Станува збор за истиот хотел во кој пред 45 години друг актуелен претседател на САД речиси го загуби животот.

Во обид за атентат, Роналд Реган беше застрелан од Џон Хинкли Џуниор додека го напушташе хотелот на 30 март 1981 година. Реган беше сериозно повреден од прострелна рана во белите дробови, која му предизвика сериозно внатрешно крварење. Хинкли, мина повеќе од 35 години во психијатриска клиника.