Американско – иранските мировни преговори во прекин

Објавено:

Иранскиот министер за надворешни работиАбас Аракчи на 25 април го напушти Исламабад без да се сретне со американските претставници, велат пакистански претставници за новинската агенција Асошиетет прес.

По оваа вест, американскиот претседател Доналд Трамп за американскиот медиум Фокс њуз изјави дека им рекол на специјалниот пратеник Стив Виткоф и неговиот зет, Џаред Кушнер да не патуваат повеќе за Пакистан.

„Нема да прават повеќе 18-часовни летови за да седат и да зборуваат за ништо“, рекол Трамп во кратко телефонско интервју за Фокс њуз. Според него, САД „ги имаа сите карти“ во конфликтот со Иран.

Неговите коментари во саботата дојдоа откако Белата куќа во петокот соопшти дека Виткоф и Кушнер ќе се отпатуваат на 25 април кон Пакистан на уште една рунда преговори со Иран.

„Премногу време потрошено на патувања, премногу работа! Освен тоа, има огромни внатрешни борби и конфузија во нивното „лидерство“. Никој не знае кој е надлежен, вклучително и тие. Исто така, ние ги имаме сите карти, тие немаат! Ако сакаат да разговараат, сè што треба да направат е да се јават!!“, напиша Трамп на неговата социјалната мрежа Truth.

Коментари на Трамп следат откако иранскиот министер Аракчи, одржа, како што ја нарече, „дел од дипломатска редовна турнеја“ во пакистанскиот главен град на 25 април за да се координира за „билатерални прашања“ со пакистанските претставници пред да продолжи во Оман и Русија.

Аракчи пристигна во главниот град Исламабад во петок. Но, портпарол на иранското министерство за надворешни работи објави на социјалната платформа X дека иранските претставници не планираат да се сретнат со американските претставници и дека загриженоста на Техеран ќе му биде пренесена на медијаторот Пакистан.

Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар за иранскиот став во однос на преговорите.

Иран го услови своето враќање на преговарачката маса со укинување на американската поморска блокада на неговите пристаништа, барање што Трамп го отфрли. Техеран, исто така, го отфрли едностраното продолжување на прекинот на огнот од страна на Трамп како „бесмислено“ сè додека блокадата е на сила.

Вашингтон и Техеран се во скап ќорсокак бидејќи Иран во голема мера го затвори Ормутскиот теснец, низ кој вообичаено поминува една петтина од глобалните испораки на нафта, додека САД го блокираат извозот на нафта од Иран. Конфликтот, кој влегува во својата деветта недела, ги турна цените на енергенсите на повеќегодишни максимуми, поттикнувајќи ја инфлацијата и затемнувајќи ги перспективите за глобален раст.

Во меѓувреме продолжува прекинот на огнот меѓу Израел и Либан. Трамп на 23 април изјави дека Израел и Либан се согласиле да го продолжат прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах за три недели по разговорите во Белата куќа. Средбата беше втора преговарачка акција на високо ниво меѓу двете земји од минатата недела. Првичниот 10-дневен прекин на огнот, кој стапи на сила минатиот петок, требаше да истече во понеделник.