Казна од 3500 евра треба да плати компанија која доставила ситно сирење во маркети со еден наместо 20 проценти млечни масти во него, како што било наведено во декларацијата на производот што го продавала. Од Агенцијата за храна и ветеринарство ( АХВ) велат дека од земени 45 мостри од млеко и млечни производи, анализите покажале дека производи на 10 компании не ги исполнуваат пропишаните стандарди за квалитет. Тоа значи дека контролите откриле дека дел од производителите и увозниците декларирале поголем процент на млечна маст отколку што навистина содржеле производите.
„Кај друг оператор со храна, со тестирањата е констатирано дека во производството на млечен производ користел растителни (палмини) масти, за што му е изречена парична казна од 1.300 евра во денарска противвредност. Спорниот млечен производ во вкупна тежина од 500 килограми од овој оператор се повлечени од промет и нештетно уништени на депонија“, се вели во соопштението на АХВ.
Останатите осум компании меѓу кои има производители и увозници се казнети со по илјада евра затоа што кај нив утврдиле отстапки односно разлика во декларираниот и реалниот процент на млечна маст во контролираните млечни производи.
Во земјава работат неколку десетици производители и преработувачи на млеко и млечни производи, од големи индустриски млекарници до помали регионални производители. Според податоците од државниот завод за статистика, во изминативе четири години се бележи намалување на количината на домашно производство на млеко. Според нив, во последните четири години произведено е 35 тони кравјо млеко помалку. Намалено е и производството на овчо млеко за12,3 тони, додека на производството на козјото млеко е зголемено за 272 тони.

Од Агенцијата најавуваат дека во наредниот период ќе продолжат засилени инспекциски контроли кај оваа категорија на оператори со храна, односно млечни производи. Во нивното соопштение е наведено дека до сега се земени 91 мостра мостра од млеко и млечни производи и од сувомесни производи, од домашно производство и од увоз во текот на вонредната инспекција. До сега се, како што велат, комплетиран анализите од тестираните примероци млеко и млечни производи земени од поголемите синџири на маркети во земјава. Во наредниот период се очекува да завршат и тестирањата на сувомеснатите производи.


