Погребан генералот Младиќ: Актуелни министри, синот на Вучиќ и рускиот амбасадор оддадоа почит

Објавено:

Илјадници луѓе во Белград ја следеа денеска процесијата на погребот на поранешниот генерал на војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој почина во затворот Шевенинген, каде издржуваше казна доживотен затвор по пресудата за воени злосторства.

Меѓу граѓаните беа синот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Данило Вучиќ, министерот за одбрана Братислав Гашиќ, министерот за правда Ненад Вуиќ, министерот без ресор Ненад Поповиќ, министерот за култура Никола Селаковиќ, министерот за јавни инвестиции Дарко Глишиќ, како и министерот за труд, вработување, бранители и социјални работи, Милица Ѓурѓевиќ-Стаменковски, пренесоа српските медиуми.

Почит на Младиќ му оддаде и рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан Харченко, а од Република Српска дојде лидерот на владејачката коалиција, Милорад Додик, како и градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ.

Службата ја водеше патријархот на Српската православна црква, Порфирије, кој во својот говор рече дека „неговото име ќе остане длабоко врежано во сеќавањето и молитвите на најголемиот дел од српскиот православен народ“. Патријархот, исто така, изјави дека единственото нешто што никој од нас не може да го избегне е еден ден да го напушти овој свет.

Телото на поранешниот командант на Војската на Република Српска беше изложено во црквата „Свети Лука“ во белградската населба Видиковац, каде што граѓани пристигнуваа уште од раните утрински часови. Пред црквата се формираа километарски редици, а дел од присутните носеа српски знамиња, фотографии на Младиќ и маици со негови ликови.

Формално, Србија не прогласи државен погреб, откако претходно најавената можност за таква церемонија предизвика остри реакции од ЕУ и од регионот.

Ратко Младиќ беше осуден за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото, кршење на законите или обичаите на војување за време на војната во Босна и Херцеговина (БиХ) од 1992 до 1995 година, почина во Хаг. Хашкиот трибунал го осуди на доживотен затвор на 8 јуни 2021 година.

Беше утврдено дека е виновен за геноцидот извршен врз околу 8000 Бошњаци во Сребреница, заштитено подрачје на Обединетите нации (ОН), во летото 1995 година, за прогонот и присилното преселување на Бошњаците и Хрватите низ БиХ, тероризирање на цивилите за време на опсадата на Сараево и држењето на мировници на ООН како заложници за време на бомбардирањето на НАТО во 1995 година.

Последни објави