Сигурна ли е иднината на Велика Британија?

Објавено:

Во петокот познатиот британски новинар и научник Сер Дејвид Атенборо го прослави својот 100. роденден, а ден претходно се одржаа избори ширум Велика Британија. Повеќе од сто години Лабуристичката партија доминираше во Велс. Значи, Атенборо уште не бил ни роден, а лабуристите таму веќе биле власт. На овие избори тие добија само 9 од 96 пратенички места. Што се случи?

На 7 мај граѓаните ширум Велика Британија излегоа на избори. Во Англија се гласаше за 136 локални совети, односно за околу 5.000 советнички места и 6 градоначалници. Англиската локална самоуправа е мошне комплицирана и разновида, та секоја година има локални избори во некој дел од земјата.

Во Шкотска и во Велс гласачите избраа нов состав на шкотскиот, односно на велшкиот парламент. Избори за овие тела се одржуваат на секои 5 години, а истите извршуваат должности поврзани со образованието, здравството, културата, инфраструктурата, како и дел од економската политика. Парламентите бираат и локална влада со која претседава првиот министер (на англиски „first minister“ за да се разликува од „prime minister“, титулата која ја носи премиерот на целата земја).

Накусо, во Шкотска повторно победи Шкотската национална партија, освојувајќи 58 од 129 пратеници. Иако им се намали изборниот успех, шкотските националисти ќе имаат прилика по петти пат да состават влада. Најверојато ќе добијат некаква поддршка од 15 пратеници на Шкотската зелена партија, која исто така се залага за независност. Унионистичките партии се фрагментирани: лабуристите и десничарската Реформска партија имаат по 17 места, Конзервативната партија има 12, а либералните демократи освоија 10.

Во Велс резултатите се уште поинтересни. Лабуристите го загубија тронот: од 30 места паднаа на 9. Конзервативците, кои на претходниот избори беа втори, паднаа на четврто место со само 7 пратеници. На изборите убедливо победи „Plaid Cumry“, партијата чие име на велшки едноставно значи „Велшката партија“.

За првпат во историјата на Велс на изборите победија велшките националисти и тоа со 43 места од можни 96. Сребрениот медал го добија десничарските реформатори, освојувајќи 34 места.

Исходот на изборите е јасен: за првпат во историјата на Обединетото Кралство, партии кои се залагаат за неговото распуштање се на власт во Шкотска (Шкотската национална партија), Велс (на Велшката партија ѝ недостасуваат само 6 места за формирање на влада) и Северна Ирска (каде за првпат победи партија на католиците, т.е. на ирските републиканци во 2022 година).

Три од четирите држави кои го составуваат Обединетото Кралство имаат свој локален парламент и влада, што всушност ја прави Велика Британија квази-федерална држава. Единствен исклучок е Англија, во која пак живее најголем дел од населението. За неколку недели во сите три ќе владеат администрации кои се залагаат за независност на таа држава од Обединетото Кралство.

Во тој поглед коментарот на Алистер Кампбел, портпаролот на поранешниот британски премиер Тони Блер, дека ова не било целта на создавањето на овие локални парламенти, односно влади, ми се виде интересен. Инаку, Кампбел заедно со поранешниот министер од редовите на конзервативците, Рори Стјуарт, е водител на еден од највлијателните британски поткасти, „The Rest is Politics“, на кој неодамна гостуваше српскиот претседател Вучиќ.

За појаснување, процесот на креирање на ваквите локални администрации во Британија се нарекува деволуција бидејќи означува пренесување на надлежностите од горе надолу, т.е. Парламентот и Владата во Лондон дел од своите надлежности им ги препуштаат на парламентите во Шкотска, Велс и Северна Ирска. Истиов процес е отпочнат токму во времето кога Блер беше премиер, а Кампбел негов портпарол.

Додека локалната влада во Северна Ирска беше нужност за стопирање на конфликтот меѓу католиците и протестантите, потребата сличен модел да се примени во Шкотска и Велс е помалку јасна. Овие области беа традиционално упориште на Лабуристичката партија, а и беа најмногу погодени од негативните ефекти на економските политики на долгото премиерствување на Маргарет Тачер.

Било како било, коментарот на Кампбел ме потсети на труд [1] што го прочитав минатата година, а на тема автономијата како извор на конфликти. Тука авторот детално го анализира Кавказот за време на распадот на Советскиот Сојуз и ги разгледува облиците на територијална автономија на етничките малцинства во Азербејџан, Грузија и Ерменија. Заклучува дека во 8 од 9 случаи автономијата довела до конфликт, па и обид за отцепување.

Имајќи предвид дека и сите три мултиетнички комунистички федерации (Советскиот Сојуз, Чехословачка и Југославија) престанаа да постојат уште пред Блер да дојде на власт во 1997, елементарно познавање на историското компаративно искуство ќе го спречи чудењето на Кампбел.

Но, без брзање. Иако шкотските националисти владеат со Шкотска уште од 2007, тие не победија на референдумот за независност во 2014 година. Моментално во Шкотскиот парламент мнозинството од пратениците е за независност (73 од 129), но ова не нужно значи дека граѓаните ќе се изјаснат за независност на референдум.

Во Велс Велшката партија несомнено ја поддржува идејата за независност, но нивното главно гесло на изборите беше дека само тие може да ја спречат десничарската Реформска партија од заземањето на власт. Истовремено, граѓаните се разочарани од Лабуристичката партија која е на власт и на државно ниво (од 2024) и на локално ниво (од памтивек, но во контекст на Велшкиот парламент, од 1999). Гласот за националистите не мора да значи глас за независност.

Интересно е што националистите и во Шкотска и во Велс и во Северна Ирска се убедливо левичарски партии, со социјалдемократски економски програми но и прогресивни убедување по идентитетските и култоролошките прашања.

Уште поинтересно е што политиката во Велика Британија почна да наликува на онаа во континентална Европа дури откако Британците ја напуштија Европската унија. Заврши времето кога конзервативците и лабуристите доминираа со политичката сцена. Десницата е поделена меѓу центар-десните конзервативци и убедливо десните реформатори, а за место во левицата се борат лабуристите, либералните демократи, националните партии и зелените.