„Безбеден град“ ќе ги стави под надзор и Охрид, Дебар, Кичево и Струга

Објавено:

Од 12 октомври паметниот систем „Безбеден град“ ќе почне да се применува и во Охрид, Дебар, Кичево и Струга, најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„Се наоѓаме во завршна фаза и начелно се договоривме со началниците дека би биле подготвени да почнеме со практична примена на „Безбеден град“ и на територијата на СВР Охрид, заклучно со 12 октомври“, изјави Тошковски од денешната посета на СВР Охрид и Регионалниот центар – Запад.

„Безбеден град“ функционира од 1 февруари. Следните два и пол месеци по воведувањето беа период на адаптација, во кој граѓаните беа известувани и контролирани за сообраќајните прекршоци, но немаше казни. Во исто време се тестираше системот.

Тошковски кажа дека во споредба со истиот период лани, бројот на повредени во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 отсто, со 34 жртви помалку.

Системот „Безбеден град“ користи мрежа од камери и технички уреди со кои го следи сообраќајот и јавната безбедност во сообраќајот. Прво беше воведен во Скопје. Автоматски регистрира сообраќајни прекршоци како брзина и поминување на црвено светло.

Од воведувањето во февруари, заклучно со 20 август, „Безбеден град“ евидентирал вкупно 310.865 прекршоци. Од нив, најголем дел или 301.835 прекршоци, се однесуваат за управување на возило со брзина поголема од дозволената, според податоци од Министерството за внатрешни работи(МВР).

Од средина на август системот „Безбеден град“ почна да се применува и за возила со странски регистерски таблички, првично за возила кај кои системот претходно евидентирал сообраќајни прекршоци.