Греењето е најголем трошок во македонските домаќинства, дрвата примарен енергенс

Објавено:

Државниот завод за статистика објави дека греењето останува најголемиот енергетски трошок во македонските домаќинства, при што дури 62% од вкупната енергија се користи токму за затоплување на домовите. Анализата на потрошувачката за 2024 година открива дека најголем дел од граѓаните и понатаму се потпираат на огревно дрво како примарен енергенс. Електричната енергија останува најзастапена за останатите потреби – од осветлување и работа на апарати, до подготовка на храна и загревање вода.

По греењето, најголем удел во потрошувачката имаат електричните апарати и осветлувањето, потоа загревањето на вода, како и готвењето, покажува анализата на Државниот завод за статистика.

Истражувањето бележи и постепен пораст на користењето обновливи извори на енергија. Во 2024 година, повеќе од 91 илјада домаќинства користеле соларни колектори, со вкупна инсталирана површина од над 227 илјади квадратни метри.

Во делот на финансискиот притисок, околу 10,6% од домаќинствата изјавиле дека редовно имаат тешкотии при плаќање на сметките за енергија, додека 40% велат дека такви проблеми немаат.

И покрај постепените промени, податоците укажуваат дека енергетската слика во домаќинствата сè уште е под силно влијание на традиционалните извори на греење и високите трошоци за енергија.

Во тој контекст, енергетските институции повторно ја актуелизираат идејата за воведување на пофлексибилни тарифи за електрична енергија, вклучително и проширување на евтината дневна тарифа и ниска тарифа во викендите, со цел да се олесни товарот врз буџетите на граѓаните.