Техеран ја менува својата политика од одбранбена во целосно офанзивна, откако застојот во обидите за постигнување траен договор за завршување на војната со САД продолжува, изјавил висок ирански претставник за „Ројтерс“.
Преговорите за постигнување мировен договор, како и напорите за повторно воспоставување на транспортот на нафтените танкери низ стратешки важниот Ормуски Теснец, целосно запреле. Според иранскиот претставник, Техеран е подготвен за ескалација доколку дипломатијата не даде резултат.
„Иранските субјекти мора да бидат подготвени за ескалација на тензиите во Ормускиот Теснец и поширокиот регион, бидејќи Иран ќе биде подготвен да носи одлуки и да презема тешки мерки“, изјавил тој за „Ројтерс“.
Тој додал дека Техеран ќе изврши „навремен и прецизен“ воен напад со цел да ја пробие американската поморска блокада доколку дипломатските напори пропаднат.
Денес истекол рокот во кој Иран и САД требало да постигнат конечен договор според меморандумот за разбирање постигнат во јуни. Меморандумот, потпишан на 17 јуни, предвидувал рок од 60 дена, со можност за продолжување со согласност на двете страни.
Целта била Вашингтон и Техеран да постигнат поширок договор, вклучително и за иднината на иранската нуклеарна програма. Со меморандумот бил прогласен и прекин на воените операции, но договорот набрзо почнал да се распаѓа поради спорот околу контролата врз Ормускиот Теснец.
Техеран тврди дека петтата точка од меморандумот му дава право да управува со пловниот пат, додека Вашингтон го отфрла таквото толкување. Во меѓувреме, двете страни ја заостриле реториката.



