Кинескиот автомобилски гигант „Џили“ (Geely) и американски „Форд“ постигнаа договор за производство на автомобили во фабриката на „Форд“ кај Валенсија. По месеци преговори, „Џили“ ќе произведува возила на линија што не е користена претходно. Главниот мотив за производство во Шпанија е да се избегнат европските царини, коишто беа воведени за да се забави пробивот на кинеските производители на европскиот пазар, пишува „Карскупс“.
Фабриката на „Форд“ има капацитет од 450.000 возила годишно, но веќе со години работи со помалку од четвртина од тој обем. Погонот моментно го произведува моделот „Куга“, а наскоро ќе ѝ се придружи и возило со брендот „Џили“. Иако компанијата сè уште официјално не потврди за кој модел станува збор, извештаите укажуваат дека се работи за новиот „Е-Икс-2“ (EX2). Станува збор за прифатлив и компактен електричен автомобил којшто го заслужи епитетот најпродаван нов автомобил во Кина за минатата година.
Како што пишуваат специјализираните медиуми за автомобилизам, шпанскиот премиер Педро Санчез одиграл важна улога во договорот, а придонело и тоа што Шпанија, за разлика од Германија или Италија, е отворена за соработка со кинески компании.
Ова е потврдено и со други примери. „Чери“ веќе соработува со шпанската компанија „Ебро“ и повторно ја отвори поранешната фабрика на „Нисан“ во Барселона, објави „Блумберг“. Натаму, и кинеската „БАИК“ веќе соработува со шпанска „Сантана“ за производство на теренски возила во Андалузија, а „Стелантис“ допрва ќе отвори фабрика за батерии во Сарагоса во партнерство со кинескиот конгломерат „КАТЛ“.
Се очекува претседателот на Шпанската влада да објави повеќе подробности за договорот подоцна оваа недела, кога ќе се обрати пред медиумите во фабриката на „Форд“. Уште во мај се појави информација дека „Форд“, како резултат на ова партнерство, би можел да развие сопствено електрично возило на платформата што ја користи „Е-Икс-2“, но оваа можност сè уште не беше официјално потврдена, објавуваат агенциите.



