Под сомнение за напад за време на парадата Кристофер Стрит Деј во Берлин, во кој загина најмалку едно лице, германските истражни органи распишаа потерница по 21-годишен осомничен маж именуван како Абдул Б. Берлинската полиција денеска ги предупреди граѓаните да не му пристапуваат на осомничениот со напомена дека тој е „можеби вооружен и опасен“.
Во инцидентот, што се случи во саботата вечерта во Тиргартен, беа повредени уште 16 лица, од кои три се во животна опасност, објавија германските медиуми и светските новински агенции.
Полицијата и Јавно обвинителство на Берлин во соопштение објавено на платформата X побараа помош од јавноста во потрагата по осомничениот, кој е во бегство. Берлинската полицијата објави дека станува збор за маж висок околу 1,90 метри и со црна коса и објави негова фотографија.
Според полицијата, Абдул Б. е осомничен дека во саботата околу 22 часот, во областа на Тиргартен, повредил повеќе лица управувајќи возило. По инцидентот, „едно или повеќе лица“ се оддалечиле од возилото. Покрај тоа, можно е „повеќе лица да биле повредени со остри предмети“, пренесе ДПА.
Според полицискиот извештај, во близина на Бранденбуршката порта, возилото со кое е извршено делото навлегло во Тиргартен и удрило повеќе луѓе, а потоа во дрво. Очевидец за агенцијата АФП изјавил дека возилото со голема брзина свртело од улицата Ленештрасе кон Тиргартен и притоа прегазило повеќе луѓе.
Полицијата и службите за итна помош веднаш пристигнале на местото на настанот со голем број екипи, а биле ангажирани и специјални единици. Портпарол на противпожарната служба изјави дека покрај загинатото лице, повредени се уште 16 луѓе. Од нив, тројца се во животна опасност, осум се тешко повредени, а петмина полесно повредени.



