Владата земала заем од Македонска навигација (М-Нав), од Државна лотарија и од МЕПСО за Јавното претпријатие за државни патишта, односно за враќање на кредит кон кинеската банка за автопатите.
Ова денеска го потврди премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање „за што ќе бидат наменети средствата од М-НАВ за во Државни патишта“.
„Не се само од Македонска навигација. Таму имаме средства и од Лотарија, имаме средства и од МЕПСО и сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта. Средствата ќе бидат искористени за враќање на кредит кон кинеската банка за автопатите. И истите тие средства во август ќе бидат вратени на компаниите. Значи, се прави само вообичаена процедура којашто многупати во минатото се правела, така што во август месец тие средства ќе бидат вратени и кај М-НАВ, односно Македонска навигација, и кај Лотарија на Македонија, и кај МЕПСО“, изјави Мицкоски.
За заемот од М-нав, Владата одлучила на седница на 14 јули. Според одлуката, Владата зема заем од 7 милиони евра од Македонска навигација (М-НАВ), а Владимир Ристески, претседател нa Управнит одбор на М-НАВ, и Милан Кораќ и Фатмир Зимбери, на 17 јули ја потпишале одлуката за одобрување на краткорочна позајмица. Според истата одлука, заемот треба да се врати до 30 ноември 2026, без камата.



