Трамп ѝ се закани на ЕУ по казните за американските гиганти: Ќе платите за ова!

Објавено:

Претседателот на САД Доналд Трамп ѝ се закани на Европската унија (ЕУ) со „значителни“ царини откако, како што наведува, Брисел им наметна серија високи казни на американските технолошки гиганти. Во објава на неговата платформа Truth Social, американскиот претседател напиша: Соединетите Американски Држави не се „касичка“ за Европа, ниту пак ќе дозволиме да бидат!“

„ЕУ повторно, како и обично, директно ги напаѓа одличните американски компании! Откако ги казни Епл, без никаква причина, со 15 милијарди долари, Мета – 3 милијарди долари, Амазон со 2,5 милијарди долари и многу други, штотуку бевме информирани дека Гугл, навистина напредна и неверојатна компанија, е казнета со уште една милијарда долари, без објаснување. Со ова, вкупниот износ на Гугл се искачи на над 18 милијарди долари! Оваа нелегална и многу дискриминаторска практика започна во текот на првата година од поспаната администрација на Џо Бајден, но нема да продолжи за време на администрацијата на Трамп“, напиша американскиот претседател.

Според Трамп, тоа е „грабеж“ на американските компании и на американските даночни обврзници.

„Европската унија ќе плати многу висока цена за ова нелегално и многу неетичко однесување, за кое постојано ги предупредувам. Казните ќе бидат целосно поништени и, очекуваме, во најскоро време да им се наплати значителна тарифа“, напиша Трамп.

ЕУ со казни за Гугл, Мета, Амазон, Епл…

Европската комисија претходно му изрече казни во вкупен износ од 890 милиони евра на американскиот технолошки гигант „Гугл“ поради прекршување на правилата за конкуренција предвидени со Законот за дигитални пазари (DMA). Од Комисијата соопштија дека компанијата незаконски ги фаворизирала сопствените услуги во резултатите од пребарувањето, а истовремено им наметнувала ограничувања на развивачите на апликации за „Андроид“ во комуникацијата со нивните корисници.

Првата казна, во износ од 460 милиони евра, се однесува на фаворизирањето на услугите на „Гугл“ во области како што се онлајн купување, хотели, транспорт и спортски резултати. Според европските правила, големите дигитални платформи не смеат да им даваат предност на сопствените услуги во однос на конкурентските.

Еврокомесарката за конкуренција Тереза Рибера изјави дека најдобрите производи треба да успеваат поради нивниот квалитет, а не затоа што припаѓаат на компанијата што управува со интернет-пребарувачот.

Втората казна, во висина од 430 милиони евра, е изречена затоа што „Гугл“ не им дозволувал на развивачите на апликации да ги информираат корисниците за бесплатни или поевтини понуди надвор од продавницата „Гугл Плеј“.

Со вкупниот износ од 890 милиони евра, ова е најголемата парична казна досега изречена според европскиот Закон за дигитални пазари. Претходно, Европската комисија ги казни „Мета“ со 200 милиони евра и „Епл“ со 500 милиони евра.